Композицијата „Море сокол пие“ од композиторката Дарија Андовска ја имаше својата светска премиера на деветтото издание на реномираниот фестивал „PianoLab“ во Италија, а пред публиката ја претставија македонскиот светски познат оперски пејач и тенор, Благој Нацоски, и италијанскиот пијанист Андреа Скалцо.
Ова дело, кое произлезе од соработката на нашите уметници Андовска и Нацоски и кое е специјално напишано за нашиот тенор, беше изведено во рамките на маратонот „Suona con noi“ – централен настан на фестивалот што се одржа на 11 и 12 август, во Мартина Франка, со 20 концерти на три различни локации.
Како што соопшти композиторката Андовска, рециталот на Нацоски и на Скалцо бил музичко патување низ делата на Хендл, Белини, Тости, Пучини, Масне и на Бритн, кулминирајќи со премиерата на „Море сокол пие“, инспирирана од македонското музичко наследство.
Нашиот тенор Благој Нацоски, на самата пробата пред концертот, кажа: „Вечерва Мартина Франка ќе грми во седумосмински такт со ‘Море сокол пие’, која ќе биде премиерно изведена. Бескрајно сум ѝ благодарен на Дарија Андовска, која перфектно ја создаде оваа композиција за мојот глас“.
По завршувањето на целиот настап во Мартина Франка, во која сите композиции беа изведени со многу емоции, тој додаде: „Пеев со срце упатено кон оние што толку многу ми го обележаа патот: мојата учителка Mirella Parutto, која нè напушти неодамна. Беше 1997 година кога ја запознав, заедно со Антонио Бојер, во текот на мастерклас, кој засекогаш ми го промени животот. Тоа е кога ми го доверија овој воздух, барајќи од мене да го научам за два дена и да го донесам на сцена на завршниот концерт. Задача која изгледаше огромна (имав само 18 години), но која ме натера да откривам ресурси што не знаев дека ги имам. Тој воздух ми се врати како нишка што ги поврзува минатото и сегашноста. Беше петнаесеттата песна на вечерта: чувствував умор, но решив да ја споделам, сепак. Бидејќи тој момент не беше само музика туку и поздрав, благодарност и спомен врежан во душата. Благодарност до неверојатниот Andrea Scalzo, кој ме придружуваше на пијано со толку многу чувствителност“.
Пијанистот Андреа Скалцо, пак, посочи дека му е чест да го сподели ова музичко патување со публиката, во контекст на големата уметничка и културна вредност.
Инаку, „PianoLab“, организиран од „La Ghironda APS“, е мобилен фестивал, кој од 2017 година ги обединува музиката и архитектурата преку концерти на историски локации во регионот Пулија и Матера.
Фестивалот го слави пијаното како „крал на инструментите“, привлекувајќи професионалци, студенти и ентузијасти од целиот свет.
Инаку, Дарија Андовска (1979) е композиторка, пијанистка и авторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц, како и на мултимедијални проекти. Нејзините дела се изведувани на бројни домашни и светски фестивали, а наградувана е како една од важните млади композитори од Европа и од Балканот. Од 2010 година, таа работи како доцент по група теоретски предмети со композиција, диригирање и музикологија на Факултетот за музичка уметност – Скопје, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како и на Факултетот за драмски уметности, по предметот Применета музика.