Фото: Е.Пелистер

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер е пред најголемиот предизвик во досегашниот дел од новата сезона во Лигата на шампионите. Во Битола, вешерва од 20.45 часот ќе гостува каталонскиот гигантот Барселона.

Во пресрет на дуелот кој ќе се игра пред полни трибини во салата „Боро Чурлевски“ тренерот на македонскиот шампион Рубен Гарабаја, истакна дека неговите момци мора да бидат 100% фокусирани, бидејќи во спротивно – го губат натпреварот.

„Мислам дека Барселона е можеби еден од трите најдобри тимови во светот и секој меч против нив е празник затоа што имаат ѕвезди и добри играчи. Мора да бидеме фокусирани на сè во овој меч. Имам играно за Барселона и таму сите се фокусирани на својот перформанс и имаат огромна поддршка од секого.

На секој меч со Барселона мора да си внимателен, бара многу борба и влог на енергија, ако го загубиш фокусот, го губиш и мечот. Барселона знае да постигне повеќе голови по ред преку брзи контри и транзиција. Мора да го држиме мечот во ритамот со противникот и да не дозволуваме брзи контри. Знаеме дека Барселона има одлична одбрана, а ќе мора да најдеме начин и за најдобриот голман во светот кој го имаат“, рече тренерот на Еурофарм Пелистер.

Барса ќе биде третиот гостин оваа сезона во Битола. Еден си замина со пораз (Загреб), додека ГОГ Гудме славеше со пресврт.

Летното засилување на тимот од Бирола, Полјакот Анџеј Видомски, пак полека влегува во натпреварувачки ритам. Десниот бек веќе неколку натпревари во низа добива шанса од стручниот штаб, а така се очекува да биде и на натпреварот против Барселона, во рамки од петтото коло од новата сезона во Лигата на шампионите.

„На првиот меч во Битола против Охрид имаше одлична атмосфера. Во Лигата на шампионите исто така дебитирав и се чувствувам убаво. Сега ни следи Барселона, се работи за одличен тим кој игра силен ракомет, можеби слично како Висла Плок. Знаеме што треба да направиме за резултат и ќе се обидеме да го дадеме нашето најдобро на теренот. Се надевам на силна поддршка од публиката и полни трибини“, рече полскиот ракометар.

ИЗДВОЕНИ