Светските медиуми известуваат за монструозното убиство на стумичанецот Дејанчо кој беше пронајден мртов спакуван во црни кеси заедно со уште двајца срби во Боливија. Убиствата им се препишуваат на припадници на нарко картелот во Јужна Америка. Според неофицијалните информации од истрагата предводена од јавниот обвинител Алберто Зебалос сите тројца пред да бидат убиени биле ѕверски мачени во зграда лоцирана северно од градот Санта Круз де ла Сиера. Телата се испратени на обдукција со цел да се утврдат точните причини за смртта, по што ќе се направи и официјалната идентификација. Сепак, медиумите уште кога беа пронајдени мртви во средата, јавија дека убиениот Македонец е Дејанчо Л, српските државјани биле од Ниш, првиот е Миљан Ќ кој бил познат под прекарот Хитри, а вториот наводно бил предводник на меѓународна организирана криминална група која транспортирала големи количини кокаин од Јужна Америка во Западна Европа.
Миљан Ќ. бил ликвидиран пред два дена, најверојатно на територијата на Боливија. Се движеле низ Јужна Америка со лажни идентификациски документи. Истражните органи во Боливија, со поддршка на меѓународните полициски служби, работат на расветлување на случајот, кој според првичните информации е поврзан со меѓународни нарко-картели и криминални пресметки.
„По дознавањето за случајот, обвинителот задолжен за истрагата пристигна на местото на настанот за да ги спроведе почетните истражни чекори. Имаме прелиминарен полициски извештај, записник од пребарување на местото на настанот, законско отстранување на телата, и другите елементи што се анализираат за да се разјасни ова тројно убиство. За овој инцидент, три лица беа уапсени за истражни цели – извести обвинителот на одделот Санта Круз, Алберто Зебалос.
Откривањето на телата било рано наутро во средата околу 1 часот наутро откако полицијата добила итен повик.
„По пристигнувањето на имотот, беа пронајдени тела на неидентификувани мажи. Двајца од нив имаа повеќекратни удари, очигледно предизвикани од тап предмет, а еден имаше прострелна рана во главата – објаснија истражителите.
Според неофицијални информации, ликвидациите се резултат на вооружен конфликт меѓу конкурентни криминални групи за контрола врз дистрибутивните канали на наркотици на територијата на Јужна Америка. Првичните медиумски наводи погрешно информираа дека сите три жртви се српски државјани, но понатамошната истрага потврди дека еден од убиените е државјанин на Македонија.
Овој случај уште еднаш ја истакнува сериозноста на заканите од транснационалниот организиран криминал и потребата од ефективна регионална и меѓународна соработка во справувањето со овие безбедносни предизвици, потенцираа истражителите.
Од Македонското МНР соопштуваат дека македонската амбасада во Бразил е во постојан контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија.
„Во врска со објавите во српските медиуми поврзани со убиството на три лица во Боливија, од кои, според медиумските информации, се работи за двајца српски и еден македонски државјанин, Ве информираме дека Амбасадата на Република Северна Македонија во Бразил е во контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија. За потврда на идентитетот на жртвите, се очекува завршување на обдукцијата, која сè уште е во тек, велат од МВР.(П.А.)