– Во годината кога Македонскиот народен театар слави осумдесет години постоење, во нашите раце ја држиме монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025: драма – приказни поголеми од времето“. Книга што не се чита, туку се доживува. Ова дело не раскажува историја, туку живот. Ова е хроника на еден театар што осум децении го бара човекот – во зборот, во тишината, во конфликтот, во надежта. Истовремено, тоа е и благодарност кон сите генерации што верувале дека театарот е потреба, а не луксуз. Низ фотографии, плакати, скици и раскажани сеќавања, ова дело ги документира историјата на МНТ и трудот на генерации уметници и театарски работници што го граделе Театарот таков како што го знаеме денес – кажа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешната промоција на монографијата посветена на нашата најголема театарска куќа, „дом на уметничка слобода, простор за соочување со себеси, но и наоѓање на надеж“.

Тој додаде дека, како министер, негова обврска е да го штити театарот, како актер, да му верува, а како човек – да му се поклонува.

– Ова издание нека биде тивок аплауз за сите што му го посветија животот на МНТ. И нека биде светло за секое идно подигање на завесата. Зашто додека постои театарот, постои и надежта дека приказните навистина може да бидат поголеми од времето – додаде Љутков.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, пак, истакна дека осумдесет години Македонски народен театар се години во кои сцената не е само место за изведба туку и простор на слободна мисла, љубов, емотивно соголување и трагање по смислата.

– Македонскиот народен театар отсекогаш бил повеќе од институција. Тој бил глас кога било неопходно да се чуе гласот. Засолниште кога биле кревки времињата. И огледало во кое општеството кристално јасно се огледува – понекогаш со гордост, другпат во болка, но секогаш со вистина. Во оваа монографија не се запишани само факти. Запишана е една цела колективна меморија. Повеќе од 420 претстави, над 230 автори, стотици актери, режисери, сценографи, костимографи, композитори, кореографи, драматурзи, како и оние без кои театарот не може да постои – техничкиот и административниот тим, критиката, и, секако, нејзиното височество – публиката. Но, овие трицифрени бројки не се статистика. Ова се животи посветени на уметноста. Ова се генерации што го чувале пламенот – од првата реплика до последниот аплауз. Тие се изблик за посветеност, за истрајност – кажа Кимовски меѓу другото.

Инаку, монографија е уредена од д-р Ивана Јарчевска, театролог. Таа посочи дека изданието опфаќа документаристички материјали, историја и она најважното – лични приказни, спакувана во модернистички и елегантен дизајн, потпишан од Зоран Кардула.

– Монографијата е и документарна и интимна, спој на минатото и сегашноста, на традицијата и модерното. Нуди информации и сознанија, открива нови приказни, нурнува во спомените на оние што се дел од МНТ и оние што го следат низ годините. Не дава конкретни театролошки податоци како бројки на публика или изведби и списоци на награди и гостувања, туку развој и патување низ МНТ и широк дијапазон на емоции и сеќавања – рече Јарчевска, додавајќи дека изданието започнува со текст за историјата на МНТ, по што следуваат 27 текста што ги раскажуваат приказните на луѓето што минувале и минуваат низ театарот – секоја вредна за запишување и помнење.

Според актерот првенец Ѓорѓи Јолевски, привилегија е и чест да се биде дел од МНТ, институција „што не е само театар туку и жив организам, кој повеќе од осум децении ги обликува духот и идентитетот на нашето општество.

– Да се биде дел од МНТ значи да се биде во постојан дијалог со времето, публиката и со себеси, при што бројните одиграни улоги стануваат дел од личната актерска меморија и трајно искуство споделено со публиката – изјави Јолевски.

Даматургот Дејан Дуковски, пак, се обрати со видеопорака, потсетувајќи се дека повеќе од три децении неговиот творечки и животен пат е нераскинливо поврзан со Македонскиот народен театар.

– Приказните ни се вкрстија – од академската сцена директно стапнавме на овие штици што значат живот, ги вкрстивме нашите приказни со тие пред нас и со оние што ќе дојдат по нас – истакна Дуковски, нагласувајќи дека приказната на МНТ е приказна што се живее, се споделува и заедно со театарот – се старее.

Јубилејната програма по повод 80 години МНТ продолжува на 29 декември, кога на големата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски. (Д. Т.)

Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ