Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување 30 уреди за мерење на бучавата на повеќе фреквентни локации во Општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски- Борче“, „Орце Николов„, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, булеварот „Климент Охридски“, како и на кејот „13 Ноември“.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативно мерење и дека претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.
– Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ги мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир – изјави Герасимовски.
Од Општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата служат како индикатор за дополнителна теренска контрола и дека врз основа на нив не се поведуваат прекршочни постапки.
– Инспекцијата за животна средина постапува согласно со Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјалните мерења извршени од акредитирана лабораторија. Согласно со член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за малите и од 37.000 до 41.000 евра за средните правни субјекти – соопштија од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека уредите се користат со посебен фокус на бучавата што потекнува од угостителските објекти и од сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на животот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Општината.












