Кошаркарскиот клуб Монако, очигледно, го реши главниот проблем. Имено, американскиот кошаркар и најдобар стрелец во историјата на Евролигата нема да го напушти тимот ова лето, официјално објави клубот.

Имаше многу шпекулации во медиумите за неговата иднина, а сè дополнително се разгоре откако беше суспендиран поради недолично однесување.

  • По бројни шпекулации во медиумите, АС Монако баскет издаде официјално соопштение со кое потврдува дека Мајк Џејмс е повторно интегриран во првиот тим и останува дел од клубот, со кој има договор до 2027 година – порачаа од тимот.

Во текот на Ф4-турнирот во Евролигата, Џејмс претрпи мала повреда на подлактницата. Кратко потоа беше привремено суспендиран од тимските активности поради инцидент надвор од теренот, кој, според клубот, не бил поврзан со неговото однесување како играч, но влијаел на неговото закрепнување и барал внатрешна истрага.

  • Тоа беше чувствителна ситуација што бараше време, внимание и дискреција. За жал, во текот на тој процес, во јавноста се појавија бројни шпекулации и неточни информации, кои беа штетни и за Мајк и за клубот – се вели во соопштението.

По темелна внатрешна проверка, клубот потврди дека Џејмс бил ненамерно вмешан, обидувајќи се да заштити други луѓе и дека случајот сега е целосно затворен.

Иако не учествуваше во плејофот на француското првенство, Монако вели дека неговата посветеност кон клубот е несомнена и дека се очекува да се врати на теренот во сезоната 2025-2026, кога ќе добие зелено светло од медицинскиот тим.

  • Едвај чекаме повторно да го видиме Мајк во Монако, здрав, фокусиран и гладен за успех како никогаш досега. Оваа година бевме блиску до сонот, но мисијата останува иста. Сега сме уште порешителни да го исполниме. Ќе го завршиме она што го започнавме – додаде претседателот на клубот, Алексеј Федорицев.

И покрај сите случувања, АС Монако повторува дека неговите темели: лојалност, доверба и заедничка амбиција остануваат недопрени.

  • Мајк Џејмс, како еден од симболите на тој проект, останува клучна фигура во долгорочните планови на клубот –  се вели во соопштението на Монако.

Инаку, Монако остана без титулата во француското првенство откако на патот до трофејот му се попречи тимот на Париз, предводен од македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс.

 

ИЗДВОЕНИ