Кошаркарскиот клуб Монако е на потребното ниво во домашното првенство, но му се заканува елиминација од плејофот на француската лига. Проблемот на тимот предводен од Василис Спанулис се бројните административни проблеми, а рокот што го има клубот е до крајот на лигашката сезона.
Монако е казнет од ЛНБ-лигата и сега е должен да уплати 500.000 евра на сметката на натпреварувањето. Покрај тоа, клубот е казнет со забрана за регистрација на играчи. Тоа се виде и на дело кога клубот не можеше да го регистрира НБА-играчот Кори Џозеф во националното натпреварување. Пристигна и ново предупредување – исклучување во случај клубот да не реагира до крајот на лигашката сезона.
- Времето на добра волја и трпение заврши, Монако мора брзо да реагира, во спротивност, челниците ќе реагираат без двоумење. Ако земеме предвид што претставува Монако, дека е силен тим со бројни таленти, а потоа ја погледнеме и административната структура, разликата е преголема, рече претседателот на натпреварувањето, Филип Оксер.
Клубот беше казнуван и во минатото, како 300.000 евра за неисполнети обврски, односно проблеми со документацијата и намалена соработка.
- Монако е тимот со најмногу казни во историјата. Да имаше барем најмали знаци на промена во Монако, тоа би било одлично. Но, очигледно, сè уште нема ништо од тоа. Овој клуб, од различни причини, не ги исполни барањата на администрацијата. Ова е неприфатливо и лигата нема да се повлече, беше наведено во соопштението.
Следниот натпревар на Монако во Евролигата ќе биде против Реал Мадрид во 18. коло од Евролигата, натпревар закажан за в петок во 19:30 часот.











