Монахот Георгиј стана и игумен, по три дена Синодот ќе решава за највисокото унапредување: В ЧЕТВРТОК МПЦ-ОА ДОБИВА НОВ МИТРОПОЛИТ?

148

Ново унапредување во монашки чин – игумен доживеа досегашниот јеромонах Георгиј на завчерашното одбележување на празникот Слегување на Светиот дух – Педесетница. На церемонијата одржана во централниот соборен храм „Свети Климент Охридски произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Ова е ново, трето по ред, унапредување на  новопроизведениот монах кој за првпат се замонаши на 27 мај, следниот ден на 28 е произведен за јероѓакон, а на 29. е избран за јеромонах. Познато е, на синодската седница закажана за в четврток тој е предложен да биде избран за нов дебарско-кичевски митрополит со што за само 16 дена ќе го „изоди“ патот од нов монах до митрополит.

-Седницата е закажана и таа ќе се одржи. Нема никакви одлагања или промени. Неизвесно е само дали ќе присуствуваат сите архијереи од странство кои можат да гласаат. Но, во таков случај процедурата предвидува оние митрополити кои нема да дојдат да овластат некого кој ќе го соопшти неговиот глас за или против. Одлуката за избор се носи со просто мнозинство на  гласови – ни изјавија денеска изворите во МПЦ-ОА.

Во црковните редови има 12 владици кои управуваат со епархија, а што значи дека за избор ќе бидат доволни гласовите на седум архијереи. Процедурата предвидува можност некој друг владика да даде и друг предлог за нов охридски митрополит. Правилата предвидуваат и тоа дека кандидатот, доколку претходно немал чин архимандрит, да биде избран во тој чин од страна на Синодот. Но, на истата седница, веднаш потоа, можно е да биде избран и за нов митрополит.

Во изминативе денови немаше мирни собири на верниците коишто се залагаат за изборот на епископот антаниски Партениј за нов охридски владика, а кои се случуваа во изминатиов период во Охрид, Скопје и во Кичево. На социјалните мрежи, пак, во рамките на фејсбук-групи на граѓани кои го поддржуваат се споделува неговото обраќање во кое што одговара на нападите врз него од разни страни.

-Во мојот живот сè е поврзано со патриотизмот. И со слово и со дело. Не можам да дозволам никој во оваа наша Македонија да се прави поголем патриот од мене. Затоа што 30 години крвавам за оваа наша заедничка татковина. Сите оние напади за некакво мое предавство или некакво бугарофилство или гркофилство се крајно неиздржани, Напротив, јас не ја предавам Македонија туку придонесувам за нејзина афирмација и нејзино вистинско утврдување – потенцира епископот Партениј.

Од друга страна, од редовите на МПЦ-ОА се пласираат ставови, чијашто цел е да се покаже како барањата на народот не може да бидат решавачки во одлуките кои штрба да ги носи Синодот. Така, црковно-информативниот портал Литургија.мк деновиве објави статија од архиепископ австралиски на Цариградската патријаршија, Макариј, со наслов „Гласот на народот – современа закана за изопачување на црковниот дух“. Во неа овој достоинственик потенцира дека „Гласот на народот не секогаш е глас Божји“.

-Неопходно е тука да се нагласи дела гласот на народот не постои над Црквата, ниту пак – и ова е многу важно – тој може да биде спротивставен на севкупната црковна свест, којашто ја носи и ја изразува полнотата на вистината на верата. Следствено, кога говориме за глас на народот, јасно нагласуваме дека мислиме на побожниот, христољубив и богоносен народ. Бидејќи во многу случаи ќе видиме дека, доколку не се исполнети овие предуслови, народот лесно може да премине на спротивната страна и да биде заблуден, така што гласот на народот нема да биде глас на Бога. Таков е случајот, на пример, кога свети Григориј Богослов бил поставен за архиепископ на Константинопол, а големото мнозинство од народот тогаш било заведено од богоборната ерес на Ариј. Да ве потсетам и на еден потресен призор од светите настани што ни ги претстави Црквата во деновите на Страсната Седмица: гласот на народот тогаш бараше „распни Го, распни Го!“ (Јован 19, 15) – и тој глас, несомнено, не беше глас Божји – потенцира овој достоинственик.

Односно, тој нагласува дека „синодалното управување со црковните прашања претставува единствениот сигурен пат воден од Светиот дух, кој е осветен црковната свест преку множество свети канони и одлуки“.

Практично, со ова се упатува одговор на барањата испратени на собирите на граѓаните и со кои се бараше епископот Партениј да биде избран за наследник на починатиот владика Тимотеј или барем и негово име да биде дел од кандидатите на синодската седница. (Б.Ѓ.)

(Рамка)

Н: Архиепископот Стефан од монах до владика за само девет дена

Податоците покажуваат дека токму архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан имал еден од накусите патишта до митрополитската позиција. Така на пример, тој се замонашил во манастирот „Св. Наум“ во Охрид на 3 јули 1986 г. а на 12 јули бил именуван за Митрополит Струмички, а кратко потоа именуван за поглавар на Брегалничката епархија. Претходно, тој во 1969 година, се запишал на Македонска православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Скопје и ја завршил во 1974 година. Истата година се запишал на Теолошкиот факултет во Белград каде што дипломирал во 1979 година.

ИЗДВОЕНИ