Стари цени за новата учебна година – моливите, тетратките, ранците…намалени 15 отсто

„Училишната кошница“ што вчера стапи на сила, а ќе трае до 15 септември, ќе биде олеснување за семејниот буџет на родителите што имаат деца што одат на училиште. Кошницата ги содржи сите неопходни производи за почеток на учебната година по цени на нивото од 1 јуни, односно намалени од 10 до 15 отсто од моменталните. Екипата на весникот ВЕЧЕР направи обиколка во неколку скопски книжарници за да провери дали се променети цените. Она што можевме да го забележиме во книжарниците е дека на етикетите беше означена старата цена, која важеше на 1 јуни годинава и која беше пречкртана, и под неа стоеја 10 или 15 отсто попуст и новата цена. Книжарниците беа празни, односно, покрај вработените и некои доставувачи на стока, немаше потрошувачи. Во текот на половина час, можеби, влегоа еден -двајца потрошувачи. Од книжарниците велат дека сè уште е рано и оти очекуваат поголема навалица на крајот од август и почетокот на септември, кога родителите ќе ги добијат списоците од училиштата за потребните прибор и материјали за учебната година.

75

Училишни чанти, прибори, тетратки, блокови, моливи, пенкала, гуми за бришење, фломастери, боици, острилки, линијари, шестари и хартија за фотокопирање содржи „Училишната кошница“, која вчера стапи на сила, а ќе трае до 15 септември. Таа ги содржи сите неопходни производи за почеток на учебната година по цени на нивото од 1 јуни, односно намалени од 10 до 15 отсто од моменталните. Родителите што имаат деца што одат на училиште велат дека намалувањето на цените на училишниот прибор ќе биде олеснување за семејниот буџет, особено поради фактот што има многу други трошоци во септември, како подготовка на зимница, купување дрва за во зима… Екипата на весникот ВЕЧЕР направи обиколка во неколку скопски книжарници за да провери дали се променети цените.

Вработените во книжарниците, кои беа со полни раце работа, поради менувањето на цените, не сакаа да коментираат околу новата мерка на Владата, само изјавија дека ќе ја почитуваат одлуката и оти ќе бидат сменети цените. Во друга книжарница, имаше само една вработена. Таа ги менуваше цените и рече дека поради годишните одмори, дел од вработените се на годишен одмор и оти не може да постигне сама да ги смени сите цени во еден ден.

Она што можевме да го забележиме во книжарниците е дека беа празни, односно, покрај вработените и некои доставувачи на стока, немаше потрошувачи. Во текот на половина час, можеби, влегоа еден-двајца потрошувачи. Од книжарниците велат дека сè уште е рано и оти очекуваат поголема навалица на крајот од август и почеток на септември, кога родителите ќе ги добијат списоците од училиштата за потребните прибор и материјали за учебната година.

На етикетите беше означена старата цена, која важеше на 1 јуни годинава и која беше пречкртана, и под неа стоеја 10 или 15 отсто попуст и новата цена. Цените на моливите се движеа од 6 до 50 денари, но најголем дел од нив чинеа од 10 до 20 денари. Гумите, исто така, беа од 10 денари, па нагоре, во зависност од големината и од тоа дели има некои додатоци. Острилките – од 40 до 100 денари, а фломастерите, во зависност од дебелината и од производителот, од 120 денари до 300 денари. Слична беше цената и на водните боици – од 120 денари, па нагоре, а нешто поскапи беа темперните боици, кои се движеа од 200 до 400 денари. Цените на тетратките А4-формат беа од 10 до 50 денари, А5-тетратките беа од 50 до 150 денари, во зависност од производителот и од квалитетот. Блоковите за ликовно беа од 30 денари, па нагоре, во зависност од големината.

– Новите ранци се намалени за 15 отсто, а старите, односно оние од ланската колекција, за 30 до 35 отсто. Цените на ранците зависат од квалитетот, големината, производителот, бројот на прегради… Но, генерално, цените се движат од 1.000 денари, па нагоре – изјавија од една скопска книжарница.

Родителите што имаат деца што одат на училиште велат дека намалувањето на училишниот прибор ќе им го олесни семејниот буџет, особено поради фактот што во септември има многу други трошоци, како подготовка на зимница, купување дрва за во зима…

– Да, ќе биде олеснување за семејниот буџет, особено за оние што имаат по две деца што одат на училиште, на кои им требаат повеќе моливи, тетратки, боици… Сепак, сè уште е рано, обично приборот и материјалите за работа ги купуваме кога ќе почне учебната година, бидејќи кога купувам предвреме, често се случува да купам мали тетратки, а ним им требаат големи, или материјали што воопшто не им требаат за таа учебна година – вели еден родител.

Освен намелените цени на училишниот прибор, олеснување за семејствата се бесплатните учебници, а и ранците и училишниот прибор што општините им ги доделуваат на првачињата. Училишниот пакет за првачиња, кој го доделуваат општините, има цел да им овозможи на родителите финансиско олеснување за кое би требало да издвојат околу 9.000 денари. Освен ранец, овој пакет ќе содржи и тетратка за почетно пишување, помагало за броеви, блок, самолеплива колаж хартија, дрвени боички, фломастери, пластелин, моливи, тетратка, моливи, острилка, гумичка…

– Мерката „Училишна кошница“ ја спроведуваме втора година по ред и нејзина цел е заштита на животниот стандард, особено на граѓаните што имаат деца што се ученици и студенти. Со оваа одлука, цените на производите што ги користат учениците (тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепило, папки и други основни материјали) се враќаат на нивото од 1 јуни и на нив се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало – изјави заменик-министерот Маријан Ристески.

Ристески напомена дека мерката се спроведува втора година по ред, дека дала добри резултати минатата година и дека очекува слични резултати и годинава.

– Минатата година, со спроведувањето на оваа мерка, според нашите податоци, имавме заштеда од 750 до 2.000 денари од ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари од ученик. Оваа мерка ја правиме со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и да им помогнеме во овој период, бидејќи станува збор за месеци со зголемени трошоци за подготвување за зимскиот период, кога граѓаните се соочуваат со трошоци за подготовка за зимница, огрев… – додаде Ристески.

За контрола на спроведувањето на одлуката, на терен ќе бидат присутни инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, кои ќе постапуваат согласно со своите законски надлежности.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ