Молитви во тегли за 600 денари им продавале на ожалостените кочански семејства

2017

Една тегличка е 600 денари. Средствата ги донираме на семејство што собира пари за да се лекува неговото детенце во Грција. Имаме опција за две теглички за 1.000 денари. Таквата тегличка е совршена за подарок… Ваквата понуда, која се шири деновиве, заедно со некои други, на социјалните мрежи, стана повод за реакција на Струмичката митрополија на МПЦ-ОА, од каде што ги повикаа граѓаните да не наседнуваат на понудите бидејќи се работи за измама.

– Тоа е измамничка шема преку која лица под профилот „Библиска Македонија“ продаваат молитви во тегли и книги, користејќи ги името и авторитетот на викарниот епископ стобиски, г. Јаков. До нас стигна информација дека дури и роднините и родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани подлегнале на ваквите лаги, порачувајќи од спорните работи. Оваа измамничка шема е сè, само не е во духот на православното христијанство – се наведува во синоќешното соопштение на Струмичката епархија.

Полицијата веќе има осомничени. По извршениот претрес во домот на Д.С. (33) во Велес ги пронашла теглите и сомнителни предмети, па тој и неговата сопруга Р.С. (27) се приведени, а по насоки на Обвинителството ќе следи соодветна пријава.

Инаку, на социјалните мрежи, граѓаните веќе почнаа да го споделуваат искуството што го имаат со нештата што се нудат од оваа групација. Така, објавена е фотографија со помала тегличка во која се гледаат десетина хартиени свитоци што претставуваат напишани „молитви“.

– Интенцијата со тегличките е да помогнеме, па ако сте во можност, да благословите – се наведува во пораките до граѓаните што им се јавуваат.

Освен тегличките, на продажба се нуди и книга од неколку десетици страници. Во нивната објава се наведува дека се работи за книга со ограничен тираж.

– Тоа е молитвена книга за душевен мир, која е со благослов од владиката. Средствата од оваа книга се пренасочуваат кон кујната, која секојдневно неуморно им дели топли оброци на луѓето што не може сами да си обезбедат – наведуваат од групата „Библиска Македонија“ без да наведат од кој владика добиле благослов.

Во коментарите, граѓаните укажуваат дека станале жртви на измамата.

– На мајка ми ѝ пишале дека ќе ја добие книгата бесплатно, а кога отиде да ја подигне карго, ѝ побарале откуп од 1.000 денари. Тоа беше чудна сума за книга од 50 страници и таа ја врати. Сега читаме дека е измама. Не знаеме како се осмелува некој на ваков чекор, жално – се наведува во коментарот на еден граѓанин.

Од Струмичката епархија наведуваат дека се работи за грозоморна измама во која на луѓето што бараат утеха, им се продаваат ветер и магла за да се оствари материјална корист.

– Тука нема ништо човечко, а камо ли христијанско! Ниту митрополитот струмички, г. Наум, ниту неговиот викарен епископ, г. Јаков, дале кому било благослов да се продава каква било книга. Луѓето блиски до Црквата и до Струмичката православна епархија знаат дека сите епархиски изданија, книги, весници, молитвеници итн., верниците и добронамерниците ги добиваат на подарок од владиците. За оваа измама, Струмичката православна епархија веќе го информираше СВР Струмица и очекуваме брзо откривање на измамниците и нивна одговорност согласно со законите и елиминирање на оваа измамничка мрежа – се наведува во објавата од Струмичката епархија. (Б. Ѓ.)

фОТО: ФБ

ИЗДВОЕНИ