Молдавците излегуваат на гласачки места денеска за да одлучат дали да го продолжат својот пат кон Европската Унија или да се приближат кон Русија. На многу напнати избори со неизвесен исход, секоја страна ја обвини другата за манипулација и обиди за заплашување.
Проевропската претседателка Маја Санду, чија Партија за акција и солидарност (ПАС) води на анкетите, но го изгуби „тлото под нозете“ од убедливата победа во 2021 година, го вклучи алармот претходно оваа недела. Таа ја обвини Москва дека троши „стотици милиони евра“ за купување гласови, оркестрирање кампањи за дезинформации на интернет и организирање насилство, пишува Јутарни.хр.
Според Игор Ботан, раководител на молдавскиот тинк-тенк „Адепт“, Молдавија „никогаш не видела такво ниво на (странско мешање) во изборна кампања“ откако прогласи независност во 1991 година.
Во четврток, Европската Унија, исто така, ја обвини Москва за „длабоко мешање“. Русија ги негираше обвинувањата и вели дека молдавските власти шират антируска реторика.
Молдавската полиција спроведе повеќе од 600 претреси од 1 август во врска со обид за изборна корупција или дестабилизација, изјави премиерот Дорин Речеан. Десетици лица се уапсени.
Поранешниот молдавски претседател од 2016 до 2020 година, Игор Додон, еден од лидерите на прорускиот Патриотски блок, главната опозициска партија, во петокот изјави дека е сведок на „агонијата на владатс во состојба на паника“. Во видео, тој ги повика Молдавците да „гласаат масовно“.
„Убеден сум дека опозицијата ќе има мнозинство“, изјави Додон за АФП во интервју, уверувајќи дека би сакал да продолжи со „преговорите со ЕУ“.
„Но, ние исто така ќе ги вратиме односите со Руската Федерација“, рече Додон, додавајќи дека прво ќе се осврне на социо-економската состојба во земјата, една од најсиромашните во Европа.
Ситуацијата доведе до емигрирање на многу Молдавци. Повеќе од еден милион живеат во странство, додека околу 2,4 милиони живеат во својата татковина. Гласањето на дијаспората е особено добредојдено, бидејќи значително придонесе за реизборот на Санду на минатогодишните претседателски избори.
Санду успеа да обезбеди отворање на формални преговори за пристапување на Молдавија во Европската Унија и голема западна финансиска помош за поранешната советска република, која сè уште има големо рускојазично население.
На изборите, кои ќе пополнат 101 место, учествуваат околу дваесетина партии и независни кандидати.
Изборната комисија исклучи две проруски партии од трката поради неправилности во финансирањето, што опозицијата ги осуди. Аналитичарите изразија претпазливост во врска со исходот, за кој Игор Ботан во интерву за АФП, рече дека е „многу тешко да се предвиди“.
„Сè ќе се одигра во последен момент“, рече Валериу Паша од тинк-тенкот „WatchDog“. Паша не ја исклучи можноста за фрагментирано собрание, што би било синоним за нестабилност.
Избирачките места се отворени од 7:00 часот наутро по локално време, а ќе се затворат во 21:00 часот. Гласачите од дијаспората, од кои 300.000 гласаа во 2024 година, и од прорускиот сепаратистички регион Транснистрија ќе бидат следени особено внимателно.
Во 2021 година, националната излезност достигна 52,3 проценти. ПАС победи со 52,8 проценти од гласовите за поддршка во споредба со 27,2 проценти за Блокот на социјалисти и комунисти (БЕСК) на Додон.