– Синот Вук е сериозен во таа музичка работа. Веројатно, од почеток го разбра значењето на зборот „шоу-бизнис“. Работи за една продукција од Флорида. Тие го пронајдоа. Сега, ако си вистински талент, лесно е да те најдат преку социјалните мрежи. Издавачката куќа му испрати е-пошта, го забележа – вели добро расположената Тијана
Има и такви што велат за поп-пејачката Тијана Дапчевиќ (со моминско презиме Тодевска) дека кој не ја знае, скапо би ја платил. А, зошто? Дали затоа што секогаш е без влакна на јазикот или затоа што е отворена до крај во муабетите? Таа е белграѓанка со македонски корени и е вонсериски талентирана и како пејачка и како актерка. Наредниот месец ќе почне да настапува со монодрамата „Менопауза“. Народот или ја сака или не ја сака Тијана. Нема средина, нема рамнодушност. На едни ужасно им оди на нерви, додека други ја обожаваат.
Логично, дома ја обожаваат. Од најтесното семејство – сопругот Милан и синот Вук, кој наскоро ќе наполни 17 години, а од поширокото, секако, сестрата Тамара, мајка ѝ Брана и тато ѝ Велко. Како и секоја нормална мајка, и таа го сака својот син најмногу на свет.
– Вук тргна по моите стапки, веќе почна да се занимава со музика, да заработува од тоа. Сериозен е во таа работа. Веројатно, од почеток го разбра значењето на зборот „шоу-бизнис“. Работи за една продукција од Флорида. Тие го пронајдоа. Сега, ако си вистински талент, лесно е да те најдат преку социјалните мрежи. Издавачката куќа му испрати е-пошта, го забележа. Тој веднаш ни го препрати мејлот, да видиме што сакаат. Бевме воодушевени. Нормално дека потоа им одговори. Не смееше да ја пропушти таквата шанса. Така тргна сето тоа, на наше огромно задоволство. Признавам дека заработува повеќе од мене. Молчи, молчи Тијана! А, впрочем, така треба да биде тоа во секое семејство: децата секогаш да се поуспешни од родителите. Иако на почетокот не беше таков. Беше некако изгубен, нерешителен. Јас и Милан бевме прилично загрижени. Сега ни олесни, ни падна камен од срцето – вели популарната пејачка.
Тијана се сеќава и на тој еден ден кога тој побарал од неа и од татко му да му купат нови слушалки и звучници. – Добро го паметам тоа. Вук беше лут, одвраќајќи ни: „Почнав да правам музика, сакале вие или не“. Јас, онака целата збунета, го потпрашав: „А, синко, каква е таа музика?“ Тој, мртов-ладен, ми рече: „Тоа е, мајко, „со-фонг’“. Јас почнав да блеам како теле во шарена врата, немајќи поим што е фонг. Ми дозволи да слушнам, па веднаш, во десеттата секунда, му викнав да го исклучи тоа. Нешто одвратно што не можев да го дослушам. Тоа е некаков вид електроника, комбинација од бразилски регетон и техно. Сè е толку бучно, експлозивно, еден целосен ужас, хаос за ушите и за душата.
Но, што да правам? Се помирив. Вук продолжи, чекор по чекор. Почна да се поврзува со деца од странство што го правеа истото. „Собра“ три милиони прегледи на „Спотифај“, а исто толку и на „Tик-ток“. Има авторски права на сите платформи. И така, ете, моето момче си тргна во музичкиот бизнис. Сега е одлично, сè си дојде на свое место. Умен тој, дури и девојче си фати (раскажа пејачката во поткастот „Равенка за успех“). Се помирив и со тоа, иако лично мислам дека уште му е рано за девојки, за љубовни возбуди. Но, си велам во себе: „Молчи, Тијана, молчи, нека, си има девојка, можеше да има момче!“ Ве молам, да не ме разбере некој погрешно – сите ги сакам и почитувам. Важно е да сме луѓе. Ама, ете, мајка како мајка, да си биде за сè во тек со настаните на своето дете. Го имам само него, немам второ дете. Веројатно, така требало да биде во овоземниот живот.
Инаку, Тијана помина добар дел од ова долго, жешко лето во Грција, на море, во убавото местенце Сивири. Таму беше со пошироката фамилија и со своите долгогодишни пријатели од Србија и од Македонија. (Д. М.)