Додека булдожерите го уриваа историското источно крило на Белата куќа минатата недела, многумина се прашуваа дали изградбата на балската сала со 999 седишта претставува уште една можност за корпорациите и за донаторите да ја добијат наклонетоста на администрацијата на Трамп. Демократите во конгресните комисии се обидоа да добијат документи од Белата куќа што би можеле да покажат дали донаторите очекуваат поволни одлуки од федералната влада во замена за нивната финансиска поддршка
Паоло Тирамани, основач на компанија за модуларни домови со седиште во Лас Вегас, слушнал дека претседателот Доналд Трамп сака да изгради голема балска сала украсена во злато во Белата куќа и видел можност. Тој брзо потпишал чек од 10 милиони долари, приклучувајќи се кон десетици донатори со длабок џеб во финансирањето на најновиот проект за недвижности на Трамп. Со тоа си обезбедил лична средба со претседателот, пишува „Фајненшл тајмс“.
Додека булдожерите го уриваа историското источно крило на Белата куќа минатата недела, многумина се прашуваа дали изградбата на балската сала со 999 седишта претставува уште една можност за корпорациите и за донаторите да ја добијат наклонетоста на администрацијата на Трамп. Минатата недела претседателот беше домаќин на раскошна вечера за главните донатори, опишувајќи го проектот како можност за „патриотите“ да помогнат во подобрувањето на „имиџот“ на Белата куќа, пренесе „Фајненшл тајмс“. Британскиот весник пишува дека на повикот за собирање средства одговориле технолошките гиганти „Амазон“, „Гугл“ и „Мета“, како и бројни компании кои побарале од сегашната администрација регулаторни олеснувања или промени во политиката. „Јутјуб“, подружница на „Алфабет“, минатиот месец му соопшти на судот дека спогодбата од 22 милиони долари со Трамп – поврзана со суспендирањето на неговата сметка во 2021 година – ќе биде донирана во фондот за балската сала. „Локид Мартин“, најголемиот воен снабдувач на американската влада, наводно ветил 10 милиони долари за проектот. Според Белата куќа, меѓу донаторите се криптокомпаниите „Тетер“, „Коинбејс“ и „Рипл“, како и Камерон и Тајлер Винклвос, основачите на криптогрупата „Џемини“. Комисијата за хартии од вредност (SEC) ги суспендираше постапките против „Коинбејс“, „Рипл“ и „Џемини“ во последните неколку месеци. Тутунската компанија „Рејнолдс американ“ и уште една тутунска група – „Алтрија“, која имаше корист од одлуката на администрацијата на Трамп да го повлече планот од времето на Џо Бајден за забрана на ментол цигари и ароматизирани пури, се исто така меѓу донаторите на фондот за балска сала.
Демократите во конгресните комисии велат дека ваквите донации предизвикуваат загриженост за „транспарентноста, приоритетите за финансирање… и за етичкиот интегритет“ на администрацијата на Трамп и се обидоа да добијат документи од Белата куќа што би можеле да покажат дали донаторите за возврат очекуваат пристап или поволни одлуки од федералната влада во замена за нивната финансиска поддршка.
Трамп, кој првично рече дека проектот ќе чини 200 милиони долари, подоцна се пофали со прилив на нови донации за кои рече дека ќе го покријат проширениот буџет од 350 милиони долари. Тој, исто така, го оправда проектот, велејќи дека е неопходен за да можат САД да бидат домаќини на странски претставници. Во говорот на вечерата со донаторите, Трамп ги спомена приемите на кинескиот лидер Си Џинпинг и францускиот претседател Емануел Макрон за време на нивните државни посети, за кои обично се поставува церемонијален шатор во дворот на Белата куќа.
– Имате околу десет сантиметри вода – буквално се прелева врз вашите чевли и се обидувате да се преправате дека тоа не се случува, но се случува, рече тој.
За други, токму планот на Трамп се заканува да го поткопа достоинството на САД.
Модерното источно крило е изградено за време на администрацијата на Франклин Д. Рузвелт за сместување на дополнителен персонал за време на Втората светска војна, а подоцна стана центар за социјални настани и канцеларија на Првата дама. Националниот фонд за зачувување на историски споменици, кој беше основан од Конгресот за заштита на националните знаменитости, апелираше до Белата куќа да ја суспендира реконструкцијата сè додека не се направат промени за да се осигури „историскиот интегритет и симболика на националниот дом“. Слично предупредување испрати и Друштвото на историчари на архитектурата.
Челси Клинтон, ќерка на Бил и на Хилари Клинтон, на социјалната мрежа „Икс“ објави: „Уривањето на Источното крило не е само прашање на мермер или на малтер – станува збор за тоа дека претседателот Трамп повторно удира со разорна топка во нашето наследство, додека истовремено цели на нашата демократија и владеењето на правото“. На ова, таа доби одговор од синот на Трамп – Доналд Трамп помладиот со алузија на аферата на нејзиниот татко со Моника Левински: „Лол, твоите родители се обидоа да ги украдат мебелот и среброто од Белата куќа… а да не го спомнувам практикантот. Подобро да не одговараш.“
Белата куќа се обиде да го одбрани уривањето на Источното крило. Минатата недела, на својата официјална веб-страница, додаде галерија на која се прикажани начините на кои демократите, наводно, ја обесчестиле зградата. Истакнати се сексуалниот скандал на Клинтон, употребата на дрога од Хантер Бајден и видеоснимката во топлес на гостинка за време на Денот на видливост на трансродовите лица за време на претходната администрација.
Донаторите на Трамп ги пофалија визуелните ефекти од планираното уривање на 123 години старата зграда и нејзината замена со нова структура.
– Ќе има многу злато, но ќе биде убаво, рече Тирамани.












