Моќен циклон од Јадранското Море предизвика големи проблеми од Словенија до Црна Гора, а дожд од утрово врне и во Македонија. Времето денеска во Македонија ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 15 l/m²) за кратко време и засилен ветер (над 60 km/h).
Северниот брег на Хрватска пак, е погоден од обилни врнежи од дожд, особено околу Учка, Риека и Кварнер, каде што се случија ненадејни поплави, а силен ветер собори дрво во Сплит. На некои локации паднаа повеќе од 100 литри дожд, со поплави и порои.
Дождот се прошири и на делови од Далмација, каде што се регистрирани повеќе од 70 литри врнежи на квадратен метар, што предизвика и краткотрајни порои, објавува хрватскиот портал Индекс.
Покрај врнежите од дожд, по Јадранското Море дува и силен јужен ветер, а во Сплит навечер е регистриран многу силен сироко со налети до 100 км/ч.
Невремето синоќа ја погоди и јужна Далмација, Црна Гора и Херцеговина. Беше придружено со силни грмотевици и многу обилни врнежи од дожд. Силна бура го погоди Мостар, каде што ураганските ветрови корнеа дрвја, а водоснабдувањето на градот е исто така во опасност, па затоа се препорачува водата да се обработи пред употреба. Синоќешната бура предизвика значителна материјална штета во овој град. Утрово на улиците на Мостар беа забележани сцени од паднати дрвја, уништени автомобили и блокирани патишта.
Поради содржината на песок во атмосферата, дождот што паѓа е валкан и обоен, а големи количини песок од Сахара беа донесени од силната јужна струја. Денес се очекуваат дожд и грмотевици, но времето ќе се смири кон крајот на денот.
Стабилизација на времето се очекува утре.