МОК ги одреди стипендистите за ЛОИ 2028

79

Управниот одбор на Македонскиот олимписки комитет ја одржа својата редовна седница на која едногласно беа донесени низа клучни одлуки за успешното работење и идниот развој на олимпизмот. Во главните точки спаѓаа усвојувањето на извештајот за ЕМОФ, именувањето на нов менаџерски тим и одобрувањето на новите олимписки стипендии за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, по што беа свечено потпишани и договорите со стипендистите.

Одобрени се девет стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 американски долари, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите.

Стипендисти за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година: Дејан Георгиевски (1.600 УСД) – таеквондо, Мила Рељиќ (1.600 УСД) – таеквондо, Дарио Ивановски (1.200 УСД) – атлетика, Ангел Петрушев (1.200 УСД), Анастасија Мојсовска (800 УСД) Спортско стрелаштво, Магомедгаџи Нуров (800 УСД) – борење, Владимир Егоров (800 УСД) – борење, Душица Бреслиева (600 УСД) – таеквондо, Никола Ѓуретановиќ (400 УСД) – пливање.

Управниот одбор едногласно донесе одлука и за избор и именување на нов Генерален секретар, Ѓорѓи Тасев. Тој во своето обраќање најави визија за модерна, транспарентна и дигитализирана канцеларија и изрази благодарност за довербата. Претседателот Димевски истакна дека е неопходна нова енергија од млади луѓе. Во тој контекст, едногласно беа избрани и Петар Спасеновски – Раководител на сектор спорт, Елена Зисовска Апостолска – Шеф на кабинет, Александар Богоевски – Директор на СЦ Јане Сандански, Сашо Димитријоски – Член на Управен одбор, и Дејан Митровски – Комесар за безбедност.

МОК и претседателот Димевски изразија огромна благодарност до досегашниот генерален секретар Сашо Поповски и досегашниот спортски директор Владимир Богоевски за нивниот непроценлив придонес во издигнувањето на МОК во изминатите години. Како што беше нагласено на седницата, двајцата ќе останат во рамките на МОК, каде со своето знаење и искуство ќе продолжат да придонесуваат. Поповски ќе биде одговорен за комуникација со меѓународни организации, додека Богоевски ќе биде Советник за спортски прашања на претседателот Димевски.

 

ИЗДВОЕНИ