
Жозе Мурињо призна дека било тешко да се гледа како Челзи се колеба под водство на Тод Боели откако Роман Абрамович го продаде клубот во 2022 година. Мурињо се врати на „Стемфорд Бриџ“ а неговиот тим, Бенфика, со минимални 1:0 го загуби дуелот во Лигата на шампиони. Пред неговото емотивно враќање рече дека не е загрижен за приемот што ќе го добијат од навивачите и е „среќен што се вратил“, пишува Дејли Меил.
Потоа, португалскиот стручњак се потсети на славните денови на клубот.
„Челзи. Челзи на Абрамович, мојот Челзи, Челзи што го изградивме и што траеше многу години беше победнички клуб. Победуваше сè со мене, потоа со (Карло) Анчелоти, со (Антонио) Конте и со (Томас) Тухел. Челзи беше машина за победи. Секоја сезона, Челзи победуваше“, рече Мурињо.
„Специјалниот“ се осврна и на периодот по промената на сопственоста, кој беше обележан со огромно трошење.
„Потоа имаше голема промена со луди инвестиции и период од неколку години кога се чинеше дека го изгубија патот, со премногу играчи, премногу милиони, акумулирајќи играчи и тим без јасна филозофија. Беа тешки неколку години. За некој што го сака клубот, беше тешко“, додаде 62-годишникот.
Сепак, Мурињо го пофали сегашниот менаџер Енцо Мареска за враќањето на клубот на победнички патеки, откако минатата сезона ја освоија Конференциската лига и Светското клупско првенство.
„Мареска пристигна и чекор по чекор, сложувалката е сложена. Дури и Конференциската лига е фантастично натпреварување за еден таков тим да го освои. Ви го дава тој прв трофеј и филозофијата и културата на клубот да победи. Ако не можете да ја освоите Премиер лигата, освојте нешто, и тие ја освоија Конференциската лига. Потоа одат во САД и се враќаат со голема значка на градите, па сега имаат добар, добар тим“, заврши Мурињо.