ЛЕНЧЕ ОД ГЕВГЕЛИЈА СÈ УШТЕ ГО БАРА СВОЈОТ НЕОБИЧЕН МИЛЕНИК
Кога ќе им го сврти природата грбот на животните, само човечкото срце и хуманоста остануваат како мост меѓу земјата и небото. Три години, штркот Мишко наместо во јато, живееше во дворот на Ленче од Гевгелија, каде што најде сигурно засолниште.
Штркот е симбол на Хаг во Холандија, но е, исто така, доминантен симбол и на Алзас во источна Франција. Го има и во југоисточна Македонија, особено во регионите на Чешиново, на Гевгелија и на Стојаково. Може слободно да кажеме дека препознатлив белег на нашиот јужен град, Гевгелија, покрај смоквите, групата „Зијан“, бањскиот, гастро и казинотуризмот, се и една жена и еден штрк – Ленче и Мишко.
– Исчезна без трага, сета околина ја пребарав, никаква трага од него, сите ниви и полиња од Богданци до Валандово ги поминав. За мене е мистерија, ми изгледа нестварно да не се врати Мишко еден месец и никој да не го види, невозможно. Секое утро излегувам со надеж дека ќе го здогледам како шета во мојот двор и дека ќе тропне со клунот за да ме поздрави. Но, засега него го нема. Го одгледав од мало пиленце, околината му беше позната, секој ден леташе, овој пат летна и не се врати. Сигурна сум дека не е така по негова волја – вака го започна разговорот со нас пензионираната медицинска сестра од Гевгелија, Ленче Алексовска.
Несекојдневната топла и искрена приказна за пријателството на една жена и на еден штрк, за која пишуваше и ВЕЧЕР, речиси четири години го исполнуваше вниманието на јавноста во Македонија. Да потсетиме, Ленче го најде малото штркче под една бандера, целото крваво, без едно око и го прибра во својата куќа. Така и започна нивното пријателство. На сите ни е познато дека животинскиот свет некогаш може да биде премногу суров и дека постојат голем број животни што ги отфрлаат своите малечки. Ленче го нарече малото штркче Мишко, во спомен на својот починат брат Миле, кого нагалено го викале Миша. Секојдневно се грижеше за него, го хранеше, го штитеше и му создаде услови во кои живееше спокојно и безбедно. Беше миленик на гевгеличани, но и на странците што поминуваа низ Гевгелија. Сите тие застануваа да се сликаат со него – убавата бела птица. Но, од пред еден месец, оваа необична и топла приказна доби неочекуван пресврт, болен за Ленче. Мишко исчезна. Нејзината тага по Мишко се чувствува во секој збор што ни го кажува:
– Мишко научи да лета нешто подоцна од вообичаено, некаде по една година откако го најдов, дали поради тоа што немаше едно око или поради нешто друго, не сум сигурна. Секое утро, кога немаше сообраќај на нашата улица, јас го пуштав да лета. Првите летови беа кратки, по неколку стотини метри и јас им се радував бескрајно на тие летови. Веќе втората година почна самоиницијативно да лета дури и по неколку часа, но секогаш се враќаше пред нашата куќа.
Мора да споменам дека првпат не се врати од летање минатото лето, кога, како што знаеше да се пошегува мојот сопруг, го промаши нашиот „аеродром“, слетувајќи, подоцна го дознав тоа, во дворот на една куќа, оддалечена околу 200 метри од нашата. Човекот што живееше таму под кирија не знаел дека се работи за Мишко и го чувал три четири дена, обидувајќи се да го нахрани со леб и вода. Случајно една моја комшивка го посетила овој човек и видела дека се работи за Мишко. Вториот пат, тој отиде уште подалеку и слета во соседната општина – Богданци, пред една фабрика. Бидејќи јас во такви случаи редовно објавував дека го нема Мишко, сопственикот на фабриката ја прочитал објавата, па дојде до Гевгелија, ме зеде со возило и ме однесе до местото каде што ме пречека Мишко.
Пред еден месец, држејќи го во раце, тој полета од балконот на куќата и го започна својот лет. Очекував да се врати, како и секогаш, но до крајот на денот тој не се врати. Повторно, како што го правев тоа и порано, кога ќе слеташе Мишко на место во непосредната околина каде што живеам, објавив на „Фејсбук“. Ми се јавуваа луѓе од Гевгелија, Демир Капија, Валандово, Богородица. Велеа дека виделе штрк и јас веднаш вегував во возилото и заминував со надеж дека тоа е мојот Мишко. Ми се јави и една жена од Кадино, која патувајќи кон Грција, видела штрк во полето пред границата. Веднаш заминав, но, за жал, од Мишко немаше ни трага. Ако беше во Гевгелија, каде што сите го знаат, не само соседите туку и речиси цела Гевгелија, некој ќе ме информираше, како што го правеа тоа многу пати. За тоа сум им многу благодарна.
Ленче изминатиот месец редовно споделуваше фотографии од Мишко, со надеж дека нивната необична, но исклучително убава приказна ќе продолжи и натаму. А граѓаните, воодушевени од ова искрено пријателство, ѝ пишуваат и ѝ даваат поддршка во потрагата по миленикот. Ја прашавме зошто е љубовта кон Мишко нешто особено, кога има и кучиња, мачиња и папагали.
– Љубовта е моја движечка сила. Уште од мала имам огромна љубов кон животните, кон кучињата и мачките. Себеси се гледам како нивни заштитник. Животните, исто така, чувствуваат љубов и внимание, знаат како да возвратат и да докажат дека може да се покаже благородноста на безброј убави начини. Кога ќе се воспостави пријателство меѓу човек и животно, тоа е лишено од пресметка или од интерес. Искрено е и цврсто. Со тоа што ќе ги сакаме и разбираме животните, можеби ние, луѓето, еден ден ќе се разбереме подобро едни со други. Јас го чував штркот затоа што верувам дека хуманоста е најважна човекова особина. Човек што ги сака и им помага на животните, ги сака и другите луѓе.
Очигледно е дека врската меѓу Ленче и Мишко е нешто многу повеќе од обична грижа за повредена птица. Тоа е приказна за љубовта, упорноста, довербата и за човечноста – приказна што ја потсетува јавноста дека секое живо суштество заслужува внимание и топлина. А, токму оваа голема љубов ја привлече и режисерката Тамара Котеска, која е актуелна во последно време со својот последен документарен филм, „Силјан“. А, која е врската меѓу Мишко и Силјан?

– Еден топол летен ден, режисерката Тамара Котеска дојде со својот снимател кај мене дома и ме праша дали може да учествува Мишко во еден дел од снимањето на документарен филм за штрковите, од кој подоцна се изроди филмот „Силјан“. Прифатив со задоволство. Освен Мишко, зедовме уште еден штрк, кој го чував и кој беше со повредено крило. Поминав цел еден ден во струмичкото село, на температура од 50 степени, за да се сними еден кадар од тој филм. Оттогаш, иако ја барав на телефон, не се слушнав повторно со неа. Се радувам за нејзиниот успех, но очекувам барем да ме повика на премиерата на „Силјан“ во Македонија. Ако не во живо, барем на филмското платно да го видам мојот Мишко.
Ленче и нејзиниот Мишко, пред да исчезне тој, го привлекоа вниманието и на младите филмаџии од средното училиште „Јосиф Јосифовски“, кои снимија документарец со наслов „Мишко, Ленче и пријателите“, под менторство на професорите Даниела Џишева и Тони Аврамов. На 54. државен фестивал на непрофесионален филм на Македонија, во организација на Киносојузот на Македонија и на Народна техника на Македонија, кој се одржа во Виница, минатиот октомври, филмот ја доби третата награда во конкуренција на 41 филм.
– Нашата цел со овој филм – ни кажаа учениците – беше да ја прикажеме грижата на една жена што несебично се посветила на чувањето повредени штркови, поразлични од јатото.Т оа е доказ дека различностите не се слабост, туку поттик за поголема емпатија и заедништво.
Ленче и Мишко требаше да ги поминат заедно и овие зимски денови. Ја прашавме какого поднесува фактот што го нема Мишко.
– Оваа зима требаше да биде наша четврта заедничка… Живееше во дворот, опкружен со љубов, со уште два штрка, задоволен со сè. Тешко го поднесувам ова, ми недостига неговото тропање со клунот кога ќе ме видеше дека одам кон него, ми го препознаваше гласот, звукот на автомобилот, велосипедот, со еден збор, беше посебен и како да имаше човечки особини во себе. Многу ми недостига оваа мила, бела птица. Го барам насекаде. Барем да знам дека е жив, дека го слушнал повикот на дивината и посакал самостојно да живее. Се молам и не сакам да верувам дека е нападнат од некое животно и дека е мртов. Постојано мислам на него, бидејќи тој ми беше еден вид утеха и ми ја ублажуваше болката предизвикана од смртта на мојот брат, кој имаше прекар Миша и по кого Мишко го доби името. Сега ми останаа уште два штрка со повредени крилја, кои нема никогаш да полетаат и додека се живи, јас ќе се грижам за нив.
„До ден-денеска се прикажуат за штркојте оти сет луѓе“, вели Марко Цепенков. Зошто е создадена таа легенда меѓу нашиот народ токму во врска со штрковите, тие крволочни птици што безмилосно го уништуваат својот слаб пород пред да тргнат на далечен пат? Можеби, затоа што живеат врз куќите и околу куќите, па на тој начин личат на носталгичен копнеж кон родниот дом.
А, приказната за Ленче и Мишко, кој си најде свој дом во дворот на Ленче во Гевгелија, е приказна за нејзините љубов и грижа кон штрковите и за тоа што се случува со нив кога се повредени и не може да полетаат. Јатото заминува, а тие остануваат приковани за земја. Ленче ни покажува дека секој чин на хуманост спасува човечки животи и животи на некои животни.
Кога ќе им го сврти природата грбот на животните, само човечкото срце и хуманоста остануваат како еден мост меѓу земјата и небото.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ













