Агенцијата за филм е дел од интернационалниот проект „Моето име е Ајламаз“, нова серија во продукција на NS Продукција за дигиталната платформа Tabii на TRT, под режија на познатиот турски режисер Мустафа Котан, чие снимање се реализира во Истанбул, Скопје и селото Башибос во Валандово. Со ова, велат, симболично се зацврстува културната и продукциската соработка меѓу Македонија и Турција. Актерскиот тим го сочинуваат Јамур Танрисевсинлер, Сузан Кардеш, Филиз Ахмет и Игор Рангелов, чија интернационална комбинација дополнително ја збогатува серијата и го потврдува духот на копродукцијата.
– На покана на продукцијата, на сетот во Истанбул присуствуваше советникот на директорот на Агенцијата за филм, Стефан Ѓиноски, чија посета претставуваше значајна промоција на потенцијалите и условите кои Македонија ги нуди за снимање странски продукции. Со ова присуство, уште еднаш се потврдува заложбата на Агенцијата за филм да ја позиционира земјата како атрактивна и конкурентна филмска дестинација во регионот, отворена за интернационални копродукции и партнерства, велат од Агенцијата за филм.
Оттаму информираат дека ќе продолжат активно да ја промовираат Македонија како атрактивна и стратешка дестинација за меѓународни филмски продукции, отворајќи нови можности за креативна и економска соработка.