Модернизирани системите за греење и повеќе зеленило

18

Веќе две години Општина Куманово, заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) и со Европската Унија, работи на спроведување на проектот „ЕУ за чист воздух“. Овој проект во вредност од 10 милиони евра им помага на четирите најзагадени града во државата во спроведувањето на активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.

Во Куманово, во рамките на проектот, Општината и „Куманово гас“ работат на модернизација на нееколошките системи за греење во јавните објекти и нивна транзиција кон поеколошки енергенси – сè со иста цел: намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот во градот.

– Започнувајќи со активностите во 2024 година, завршена е главната реконструкција на системите за греење во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ и во ученичкиот дом „Проф. Мијалковиќ“. Овие институции сега користат современо греење на природен гас, што доведе до драматично намалување на штетните емисии, дури до 98 проценти за неколку вида загадувачи. Истовремено, за една третина се намалени и трошоците за греење. Значително се подобрени  енергетската ефикасност, контролата на греењето и целокупната удобност во овие објекти- информираат од Општина Куманово.

Драги Јаневски, директор на ССУ „Наце Буѓони“, истакна  дека транзицијата кон почисто греење не е само техничка надградба туку и инвестиција во благосостојбата и во иднината на учениците.

Од Општина Куманово потенцираа дека во текот на 2025 година биле преземени зафати за модернизација на системите за греење во седум дополнителни институции во централното градско подрачје: основните училишта „Толи Зордумис“ и „Браќа Миладиновци“, музичкото училиште „Панче Пешев“, центрите за вработување и социјални работи, Основниот суд и Секторот за внатрешни работи – Куманово.

– Поголемиот дел од објектите веќе се приклучени на градската гасоводна мрежа, што значи дека секој од овие јавни објекти во Куманово веќе работи или наскоро ќе добие почисто и посовремено греење – велат од Општина Куманово.

Според општинските  власти, овие напори имаат неспорни еколошки резултати.

– Со модернизација на застарените извори на греење, овие објекти ќе испуштаат 500 килограми ПМ 2,5 и 850 килограми ПМ 10 помалку во воздухот. Истовремено, со проектот, старите котли на течно гориво се рехабилитирани и сега служат како резервен систем, со што се зајакнува енергетската сигурност на вклучените објекти – наведуваат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека зазеленувањето на градот е уште една важна цел на проектот. Како што потенцираа, досега се насадени 1.815 дрвја, со што се подобруваат зелените површини, се зголемува природната филтрација на воздухот и се придонесува за поздравa урбана средина за сите жители.

При акциите за зазеленување на неколку локации во 2025 година, градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека чистиот воздух треба да се третира како право, а не како привилегија. Граѓаните директно ги чувствуваат придобивките од овие акции.

 

ИЗДВОЕНИ