Полошкиот Регион добива нова димензија во управувањето со отпадот со воведувањето на модерен регионален систем и нова механизација на депонијата Русино. Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, истакна дека ова е реален пресврт за граѓаните кои со децении се соочуваат со диви депонии и со неорганизирано собирање отпад.

Инвестицијата од преку 1,1 милиони евра, поддржана од Европската банка за обнова и развој, значително го зголемува оперативниот капацитет на Русино, воведувајќи современи стандарди за секојдневното работење. Ова е дел од поширок проект од 55 милиони евра за најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во Македонија. Во следната фаза се планирани дополнителни 14 милиони евра за рехабилитација и за проширување на депонијата, изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас, како и затворање на постојната депонија.

Јавноста често реагира против регионалните депонии. Гордана Софија и Јоханес Јекл, организатори на акцијата „Генералка викенд“, сметаат дека модерниот систем ќе ги замени илјадниците нелегални депонии и ќе обезбеди почиста животна средина.

– Се работи за целосно усогласување со европските стандарди и за крај на дивите депонии, кои со децении го загадуваат нашето живеалиште – изјавија тие за весникот ВЕЧЕР.

Со овие чекори, Полошкиот Регион поставува нов стандард во управувањето со отпадот, обезбедувајќи централизирано, контролирано и одржливо решение што значи побезбедна и почиста средина за сите жители.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ