Модата на косата се префрла на нова естетика: Природните нијанси и леснотијата се тренд оваа есен

42

Таканаречената боја „мокабринета“ е апсолутен хит, комбинација од темна чоколадна основа со суптилни златни и амбер рефлекси кои ја осветлуваат косата на природен начин. За оние што сакаат повеќе експресија, црешовоцрвени и бакарни нијанси додаваат карактер и топлина, совршено вклопени со есенската палета на бои

Со доаѓањето на есента, кога воздухот станува посвеж, а боите на природата потопли и подлабоки, модата се префрла на нова естетика – а со тоа и косата не е исклучок. Оваа сезона, во фокусот се природните нијанси, текстурата и леснотијата, со акцент на индивидуалниот стил и на негуваниот изглед.

Трендовите за есен 2025 се инспирирани од природата, топлината и од идејата дека косата треба да изгледа живо, динамично и автентично. Најактуелните нијанси се топлите кафени, медени и карамел тонови кои создаваат чувство на длабочина и сјај. Таканаречената нијанса „мокабринета“ е апсолутен хит, комбинација од темна чоколадна основа со суптилни златни и амбер рефлекси кои ја осветлуваат косата на природен начин. За оние што сакаат повеќе експресија, црешовоцрвени и бакарни нијанси додаваат карактер и топлина, совршено вклопени со есенската палета на бои.

Дури и блондинките оваа есен се движат кон потопли тонови, крем, пченица и шампањ, кои даваат мек и елегантен впечаток. Кога станува збор за кројот, доминира природната слоевитост. Косата веќе не мора да изгледа совршено исправена или премногу стилизирана. Напротив, трендот ја слави текстурата, брановидна, малку неуредна и жива коса, која го следи движењето на телото.

Слоевитите фризури како модерните „шаг“ или „волф кат“ ја враќаат динамиката и го истакнуваат волуменот, додека класичната „боб“ останува безвременска опција за оние што сакаат чиста линија и лесна одржливост. Француската фризура „боб“ со должина до брадата, лесно извиена и со природен пад, е една од најпосакуваните фризури оваа есен. Во преден план се и фризурите што го врамуваат лицето, меките прамени или шишките што паѓаат странично и ја омекнуваат линијата на лицето ѝ додаваат нежност.

„Шишките како завеса“ повторно се враќаат како совршен компромис меѓу класичен и модерен изглед, бидејќи лесно се приспособуваат и на права и на брановидна коса. Она што навистина ја издвојува оваа сезона е акцентот на здравата и на сјајна коса.

Трендот не е само во бојата и во кројот, туку во самата состојба на косата, негувана, хидрирана и витална. Се бара природен изглед со минимално користење на топлина и повеќе внимание на нега и регенерација. Сјајот е новата дефиниција на луксуз, а косата што изгледа свежо и живо е најдобриот моден додаток за оваа есен.

Есенските трендови за коса во 2025 година потсетуваат дека вистинскиот стил не е во совршенството, туку во автентичноста. Без разлика дали ќе избереш темна, топла боја, краток крој или слоевит волумен, најважно е косата да ја раскажува твојата приказна – природно, самоуверено и со доза топлина што совршено ја доловува сезоната.

ИЗДВОЕНИ