Мочуриште под мостот кај Народната банка – врие од инсекти и од ѓубре

93

Граѓаните минуваат покрај отстојаната вода прекриена со леплив, зелен талог, во која лебдат расфрлани отпадоци, хартија и пластични шишиња и летаат мушички

Мостот „Мајка Тереза“, во близина на зградата на Народната банка, кој се наоѓа во центарот на метрополата, изгледа запуштено. Сите оние што поминуваат под него на пешачката патека: пешаци, велосипедисти, со тротинети, особено од источниот дел на градот, се соочуваат со многу непријатна глетка.

Просторот под мостот прилега на вистинско мочуриште. Во отстојаната вода, прекриена со леплив зелен талог, лебдат расфрлани отпадоци, хартија и пластични шишиња. Она што е сериозна закана за здравјето на луѓето е тоа што не само што се шири непријатна миризба туку и постојано летаат мушички, кои се непријатни, а местото, иако сè уште не започнала сезоната на комарци, е измислено за нивно размножување.    

Изгледа дека на градските власти воопшто не им пречи тоа или, пак, не се запознаени со тоа дека во центарот има потенцијално место за ширење разни заразни болести, коментираат секојдневните минувачи.

– Не знам, можеби по овие забелешки и негодувања од граѓаните што се соочиле со тоа, минувајќи под мостот, Градот, заедно со своите надлежни јавни претпријатија, ќе има слух да преземе нешто за да се исчисти и среди просторот под овој објект. Добро би било да се поплочи за никогаш повеќе да не се создаваат вакви мочуришта – вели една револтирана скопјанка, која секојдневно ја минува по оваа патека од Ново Лисиче до Центар и назад.

Мостот „Мајка Тереза“ е мост преку реката Вардар што ги поврзува булеварите „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“. Изграден е во 1963, а комплетно саниран и реконструиран во 2011 година. Обновата на мостот започна во 2010 година. Во тие рамки, беше извршена санација на оштетените бетонски делови на надворешната страна на мостот, а беа отстранети и старите оштетени пешачки патеки и заменети со нови. Во текот на градежните работи, беше извршена и заштита на инсталациите што минуваат преку мостот. Реконструкцијата го видоизмени мостот, првенствено со новата ограда и со осветлувањето, кои се направени според идејното решение на Зоран Јордановски.

Новата ограда на мостот е изработена од ковано железо, но беше пробиена од автомобил „киа“, лани во август, кој заврши долу, на пешачката патека. Надлежните веднаш ја „закрпија“ дупката во оградата, како привремено решение, но и ден-денес не е направено целосно обновување на уништениот дел.

Овој мост го нарекуваат и Мост на љубовта, па голем број млади двојки ја обележуваат својата љубов со заклучување катанец на оградата од мостот.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ