Црвениот крст на Град Скопје подготви акциски план, кој опфаќа теренски активности во насока на справување со топлотните бранови. Согласно со искуствата од претходните години, мобилни екипи составени од лекар или парамедик ќе патролираат низ Скопје, ќе се дистрибуираат вода, флаери со совети, ќе им се мери притисок на граѓаните што ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето.
За активностите во наредниот период, ќе бидат ангажирани 15-мина волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, како и пет возила, кои ќе патролираат низ градот.
– Утре, задутре и в петок, планирано е пет мобилни тима да излезат на терен, и тоа во периодот од 11:00 до 16:00 часот и да патролираат низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки. Активистите ќе продолжат согласно со прогнозите за високите температури – информираа од Црвениот крст на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека планот ја опфаќа и грижата за здравствената и за психофизичката состојба на бездомниците во Градот Скопје. Во пунктот за бездомници во Момин Поток, ќе биде на располагање мобилниот телефон 071/223-972, за јавувања од граѓани за бездомници што се погодени од топлотниот бран.