Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, на 1 и 2 јуни ќе учествува на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад.
-Режисерот Егон Савин гради компактна, возбудлива и прецизна претстава, не одлучувајќи да оди по патот на подрастична модернизација на текстот, туку ненаметливо посочувајќи ја безвременската траги(коми)чна вистина на откритијата на Нушиќ за длабоката политичка гнилост. Сепак, во претставата постојат разлики во значењето во споредба со оригиналниот текст и тие се отсликуваат на драматуршкиот план. Сценската игра, која трае само еден час и петнаесет минути, е згусната и динамична; големиот број ликови се изведени од сценскиот текст, од сопругата на Јеврем, Павка, преку Сима, Ивковиќ, неговата тетка, Секулиќ и други, а со тоа се исклучени и излишните линии на нарацијата. Расплетот е, исто така, значително променет, не е толку ведар како кај Нушиќ, туку е позаострен, помрачен и со тоа е поблиску до духот на нашето време…, вели селекторката Ана Тасиќ.
Овогодишното 70. „Стериино позорје“ се одржува од 26 мај до 3 јуни 2025 година, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Освен МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и: Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други. Последното учество на МНТ беше пред 22 години.