МНР: Потврдена евакуација на четири лица, мајка и три деца утре летаат од Тел Авив до Атина

130

Мајка и три деца утре со лет од Тел Авив до Атина ќе бидат евакуирани од Израел. Македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека за утре е потврдена евакуација на четири лица, односно едно семејство (мајка и три деца). Местата се обезбедени преку израелското министерството за транспорт, во рамки на организираните летови кои се користат за евакуација на странски државјани од Израел. Летот е планиран од Тел Авив до Атина.

-Согласно оваа, како и претходната евакуација реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 23 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 25. Меѓутоа, не сите изразиле подготвеност тоа да го направат веднаш. Се очекува следните денови дополнителен број на наши државјани да добијат можност за евакуација од Израел, соопштија од министерството.

Оттаму велат дека министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани сè до нивната безбедна евакуација. Посочуваат дека граѓаните можат да се обратат на следните СОС броеви: ‪+389 75 273 732 / ‪+389 75 268 736 или на дежурните телефони на Амбасадата во Тел Авив: ‪+972 54 500 8566 / +972 54 967 054

-Воедно, апелираме до сите граѓани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток каде што безбедносната состојба е сериозно влошена, стои во соопштението од МНРНТ.

 

 

ИЗДВОЕНИ