Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, во инфаркт натпревар го совладаа Загреб со 25:23 (13:12) на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите. Македонскиот првак водеше 57 од 60 минути на првиот домашен меч пред полните трибини во салата „Боро Чурлевски“ и сосема заслужено триумфира, иако на крајот се играше егал и можеше да се да прокоцка.
По натпреварот анализа на одиграното и пофалба за битолската атмосфера даде шпанскиот стратег на клупата на македонскиот шампион Рубенс Гарабаја.
„Многу луѓе ми зборуваа за атмосферата тука, ама додека не ја почувствуваш лично – не знаеш каква е магијата во оваа сала. Многу е лесно да се игра тука со ваква поддршка. Не требаше да бидеме во таква позиција на крајот од средбата. Многу е важно да победуваме во натпреварите кои се клучни за нас во групата. Знаеме дека ова не е нашето најдобро ниво, можеме многу да напредуваме и фокусирани сме на тоа. Мораме да размислуваме од натпревар во натпревар, следен е ПСЖ, но секогаш мора да уживаме и во победата. Вечерва уживаме, ама веќе од утре се фокусираме на дуелот во Париз. Имаме натпревар од домашното првенство, а и таму секој е важен и мора да ја исполниме задачата“, изјави Гарабаја.
Дејан Манасков беше прво име во победата на пелистерци со осум реализации, додека шест гола даде Кузмановски, а четири од четири имаше Хосни. Во тимот на Загреб се истакна Филип Главаш со седум погодоци. Што се однесува до голманите, Грбавац го заврши мечот со девет интервенции, а во македонскиот тим шест имаше Хеидаридад и три Митревски. Во следното коло на 18 септември Еурофарм Пелистер му гостува на ПСЖ.
Но, поред натпреварот со парижаните, Еурофарм Пелистер ќе го пречека Пролет во Суперлигата.