Многу внимателно да се управува со водата, таа е богатство!

54

Модернизација на водоводните мрежи, намалување на техничките и на финансиските загуби, зголемување на енергетската ефикасност и подобрување на перформансите на јавните комунални претпријатија, сето ова се клучни елементи за поодржлива инфраструктура и поквалитетни услуги за граѓаните.

Вака, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, ги претстави целите од проектните активности вредни 7,5 милиони швајцарски франци, при потпишувањето на договорите за спроведување на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија“, што ќе се реализира во седум големи општини низ земјата.

Шест и пол милиони франци се грант од Швајцарија, додека преку еден милион франци се обезбедени од Министерството за животна средина.

– Министерството дејствува како мост помеѓу овие претпријатија и меѓународните партнери, со фокус на градење на доверливи и функционални капацитети – нагласи Лашкоска.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, рече дека треба да се разбере дека водата ја нема во онаа количина, како досега.

– Треба многу внимателно да се работи со управувањето на водата, мора да има заедничка посветеност и да се споделува одговорноста, за да може да се намалат загубите на вода. Во овие предизвикувачки времиња за луѓето и животната средина, за економијата, не смее да се дозволи да се губи вода. Мора да биде третирана како посебно богатство, како посебна вредност. Без вода, нема живот –  подвлече амбасадорката.

ИЗДВОЕНИ