Кошаркарите на Панатинаикос остварија победа на гости, против Фенербахче (81:77), во дербито на 16. коло од Евролигата. Сепак, мечот беше обележан од пцостите од домашните навивачи упатени кон тренерот на гостинскиот тим и селектор на Турција, Ергин Атаман, кој го искажа своето разочарување по натпреварот.
Она што особено го вознемири беше песната која ја пееја навивачите на Фенербахче, а која беше упатена кон неговата мајка.
- Лут сум, многу сум лут! Тие луѓе, десет илјади од нив, кои се едуцирани, пееја песна за мојата мајка, која има 87 години. Многу сум лут поради тоа, не е во ред. Горд сум затоа што сум селектор на Турција – порача Атаман.
Одговор на оваа изјава на Атаман даде и познатиот турски коментатор и новинар, Мурат Муратаноглу, кој јавно го нарече познатиот тренер „лицемер“.
- Жалам што не го кажуваше истото кога беше тренер на Галатасарај и кога одредени луѓе ја пцуеја мајка ми, која го носеше дресот на истиот Галатасарај. Таа доживеа две турски првенства. Жалам што не го кажа истото за оние што ја навредуваа или што не им забрани на одредени луѓе да прават одредени гестови. Ќе го оставам настрана делот каде што некој го охрабри за тоа. Значи, неговата мајка е мајка, а мојата не е? – рече Муратаноглу пред камерите.
Тој беше гостин во емисија што го анализираше гореспоменатиот натпревар во Истанбул.
- Сакам да нагласам едно: мајките се нешто свето и особено. Истото важи и за татковците. Ничии родители не треба да бидат цел на такви навреди. Исто така, се прашувам зошто не кажа ништо за судењето и за одредени одлуки – заклучи Мурат, алудирајќи на фактот дека одредени судиски одлуки биле на штета на Фенербахче, односно дека имало многу контроверзни одлуки во корист на Панатинаикос.
Муратаноглу и Атаман имаат некои нерасчистени сметки од минатото, бидејќи во периодот кога работеше Ергин во Турција, имаше некои остри коментари. Мурат имаше забелешки за одредени работи што ги правеше Атаман, го критикуваше јавно, па дури и имаа мала медиумска „војна“. Се чини дека не се помириле.











