Младите повеќе сакаат цела плата во џеб отколку старосна пензија

Младите во државата избираат да земаат поголема плата наместо да бидат пријавени во Фондот за пензиско и здравствено осигурување. И покрај тоа што пензиското и здравственото осигурување во државата се задолжителни, дел од работодавците изнаоѓаат начини како да ги заобиколат. Поради тоа, експертите велат дека страда пензискиот систем и младите остануваат во сивата економија. Од МАПАС велат дека мора да се најде соодветно решение што ќе им одговара на фриленсерите, на младите што работат на проекти и на државата, со цел да се намали сивата економија, а младите да остварат право на социјално и на здравствено осигурување и да бидат ослободени од ризикот што постои поради невработеност, болест, старост...

1

Поголем дел од младите во државата избираат да земаат поголема плата наместо да бидат пријавени во Фондот за пензиско и здравствено осигурување. И покрај тоа што кај нас постои Закон за задолжително пензиско и здравствено осигурување, многу газди наоѓаат начини како да не ги пријават своите вработени или да ги пријават на минималец, а другите пари да им ги дадат на рака. Овој проблем го нотираа и од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, од каде што сметаат дека треба да се најде соодветно решение како да влезат младите во системот. Според податоците од Сојузот на синдикатите на Македонија, над 80 илјади работници работат во неформалниот сектор, а државата годишно губи над 250 милиони евра, пари што наместо во буџетот, одат во џебовите на газдите.

– Младите не го разбираат системот и кога ќе се каже за пензија, мислат дека тоа е нешто далеку. Треба да разберат дека ние не зборуваме за пензија, туку за штедење. Кога ќе го разберат системот, тогаш ќе ја разберат и потребата зошто мора да бидат дел од тој систем. Многу е важно сите да бидат вклучени во социјалниот систем на државата, односно да знаат дали се пријавени во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и дали им се плаќаат придонесите. Системот на бруто-плати го осигурува тоа, но постојат многу прашања во однос на тоа дали се уплаќа придонесот секој месец, дали ги имаме сите уплати и дали сме осигурени на минимална плата или на платата што ја примаме. Многу млади што работат како фриленсери, одбиваат да бидат пријавени, со изговор дека ќе си плаќаат приватно здравствено осигурување – вели Марија Поповска од МАПАС.

Од МАПАС велат дека мора да се најде соодветно решение што ќе им одговара на фриленсерите, на младите што работат на проекти и на државата, со цел да се намали сивата економија, а младите да остварат право на социјално и на здравствено осигурување и да бидат ослободени од ризикот што постои поради невработеност, болест, старост…

Не може точно да се измери колкава е сивата економија во делот на вработеноста, но има многу показатели што покажуваат дека се зголемува бројот на вработени што работат на црно. Има многу градежни работници, градежни занаетчии, водоводџии, електричари… што работат во сивата економија, односно земаат само дневница или се платени од час и не се пријавени.

– Не треба да се бега од системот бруто-плата бидејќи брзо поминува работниот век. Повисока плата, можеби, е подобра опција денес, но утре не можат да земат пензија. Но, системот треба да се приспособува на новите професии и постојано да се унапредува за да имаме стабилен пензиски систем. Многу млади одбиваат да бидат пријавени за да земаат поголема плата, но ако земеме цела плата в џеб, не сме го решиле проблемот – велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Друг проблем е што често газдите ги пријавуваат работниците на скратено работно време, односно на четири часа, а работат осум часа. Исто така, често се користи формулацијата „договор на дело“, и ги држат работниците непријавени.

– Голем дел од оние што работат на црно не сакаат да бидат пријавени за да можат да земаат социјална помош. Но, исто така, има многу млади што не сакаат да бидат пријавени и бараат од газдите наместо да им плаќаат придонеси, да им ги даваат тие пари на рака. Така ги жртвуваат стажот и другите бенефиции за сметка на повисоките плати – појаснуваат од ССМ.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски вели дека државата треба да направи систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо.

– Нема точни показатели и за бројот на работници што работат на црно, туку нивниот број се утврдува врз база на некои процени. Државата треба да направи систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо и прескапо поради санкциите што следуваат. Така што оние компании што ќе работат во сивата економија ќе треба да платат казни или ќе бидат затворени – вели Пејковски.

Според него, во борбата против сивата економија е особено важна едукацијата, така што секој поединец треба да сфати дека треба да работи легално, односно да биде вклучен во системот. Во многу фирми има непријавени работници за кои газдите велат дека се од фамилијата и дека учат занает, дека се на обука, на пробна работа… Под овие изговори, тие ги држат работниците непријавени, појаснува тој.

Експертите појаснуваат дека и покрај тоа што пензиското и здравственото осигурување во државата се задолжителни, дел од работодавците изнаоѓаат начини како да ги заобиколат, односно да не ги пријават работниците. Поради тоа, страда и пензискиот систем. Така, во моментов имаме еден и пол вработен на еден пензионер, а за да биде одржлив системот, потребни се тројца вработени на еден пензионер.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ