Народната банка подготвува нови мерки со кои ќе се овозможат подобри услови за кредитирање на становите што се купуваат за живеење, особено за прво купување. Според гувернерот Трајко Славески, целта е да се поддржи кредитирањето што се користи за решавање на станбеното прашање, особено кај младите, во услови кога цените на становите бележат континуиран раст.
– Најважната цел што си ја поставивме, а произлегува и од мандатот на централната банка и е од општествен интерес, е да видиме како да се поттикне или да се овозможи поповолно кредитирање за објекти за живеење што се купуваат првпат и ќе служат за живеење, затоа што е познато дека една третина од постојниот фонд на станови кај нас се празни – истакна гувернерот Славески и објасни дека ќе се насочат мерките кон разликување на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции и шпекулативни цели, со цел да се олесни пристапот за граѓаните што навистина имаат потреба од сопствен дом.
Според анализите на Народната банка, половина од прометот со станови се остварува со готовина, што создава притисок врз побарувачката и дополнително ги зголемува цените. Затоа, Народната банка планира, во соработка со банките, да ги анализира и да предложи мерки, притоа внимавајќи на стабилноста на банкарскиот сектор.
Гувернерот Славески нагласи дека предлозите за мерки ќе бидат доставени до банките заради консултација, со очекување дека ќе дадат резултати што ќе обезбедат подобар пристап до финансии за младите брачни двојки и за граѓаните што сакаат да го решат станбеното прашање.
Неодамна гувернерот Славески изрази загриженост поради високите цени на становите и рече дека се подготвува сеопфатна анализа за причините за ваквата состојба. Тој смета дека е потребно стабилизирање на цените на недвижностите за да не дојде до сериозни социјални и економски проблеми.
– Според мерењата направени досега, цените на недвижностите се високи. Тоа е веќе причина за загриженост. Народната банка, во консултација со другите институции, ќе треба да го реши овој проблем. Би сакале да ги насочиме нашите активности кон јасна дистинкција на она што значи кредитирање на граѓаните за решавање на станбеното прашање, особено на младите, од кредитирањето како инвестиција или, во некој случај, шпекулација во очекување на повисоки цени на становите. Затоа што сме свесни дека станот или куќата во која живееме може да стане место за шпекулација, бидејќи состојбата, каква што е, може да предизвика социјални и економски проблеми – рече Славески.
Цените на недвижностите, според податоците на Народната банка, во вториот квартал пораснале за 22,3 % во споредба со тој квартал лани. Во претходниот квартал, цените пораснаа за 22,6 % во однос на тој квартал лани.
Славески очекува да се стабилизира инфлацијата, а ако не се случи тоа, Народната банка ќе преземе мерки.