Новата генерација што чекори на пазарот на трудот, значително ги менува условите што мора да ги понудат компаниите за да привлечат млади и перспективни кадри. Она што особено ја разликува генерацијата зет од претходните е нејзината јасна визија за тоа што сака, особено кога станува збор за платите. Младите се многу флексибилни, често ги менуваат работните места и не прифаќаат работа за пониска плата. Причината за ваквите барања делумно лежи во нивната способност брзо да стекнуваат нови вештини, особено во дигиталниот свет. Со други зборови, младите денес ги диктираат платите и условите за работа. Тие имаат многу можности и во услови кога не им треба виза за да излезат од државата, а имаат евтини летови од 15 евра, нема да прифатат класична работа за плата од 30 илјади денари. Ова беше констатирано на форумот „Предизвици или можности: генерацијата зет на пазарот на трудот “.
Ѓоко Вукановски, оперативен менаџер на Македонската асоцијација на човечки ресурси, вели дека, преку активен дијалог, работните организации треба да разберат што е тоа што го очекува новата генерација од работните места. Ние, кои ги менаџираме тие работни места, треба да знаеме како да го постигнеме тоа, односно како да ги приспособиме работните места на новите генерации.
– Секоја индустрија има свои специфичности. За да бидат примамливи работните места за новите генерации, потребни се поголема динамика и исполнување на одредени финансиски предуслови. Младите имаат тенденција побрзо да ги менуваат работните места. На Запад, младите на секои 5 години го менуваат работното место, а тоа не беше случај во Македонија. Сега и кај нас младите забрзано ги менуваат работните места во потрага по нешто поразлично и подобро. Тоа, од друга страна, е добро, бидејќи создава компетитивност меѓу работодавците, кои ќе понудат подобри услови или подобра плата за да ги задржат на подолг рок – вели Вукановски.
Според него, младите денес имаат многу можности и во услови кога не им треба виза за да излезат од државата, а имаат евтини летови од 15 евра, нема да прифатат класична работа.
– Сменети се можностите и поради недостигот на работна сила, страдаат многу сектори во државата. Младите кај нас и во светот не сакаат да работат во индустријата, бидејќи оваа работа не нуди флексибилност. Исто така, не можеме да очекуваме дека младите ќе земат трактори и ќе се вратат да работат во земјоделството кога имаат на располагање многу можности, кои им ги нуди новата технологија – додава Вукановски.
Ивона Крстевска, регионален експерт од Иницијативата „Стар“ за кариерно советување на млади, вели дека младата генерација сака поголема флексибилност во однос на работното време и на обврските, бидејќи има поинакво разбирање на светот.
– Младите се тие што ја креираат иднината и поради тоа, треба сето она што го прават да биде приспособено на светските барања и текови. Ова е технолошко време, технологијата ќе направи преструктуирање на сите работни места на глобално ниво, и тоа ќе нè опфати и нас. Младите сакаат да се приспособат на новото време, поради тоа треба да креираме работни места што ќе бидат приспособени на нив – вели Крстевска.
Истражувањата покажуваат дека младите имаат значително поголеми очекувања од работодавците во споредба со своите претходници. Додека претходните генерации се задоволуваа со пониски почетни плати во замена за сигурност и можности за раст, генерацијата зет не се плаши директно да бара повисоки примања уште при првото вработување. Работодавците мора да го сфатат тоа доколку сакаат да ги задржат во земјава и да придонесат за развој на бизнисите и на целокупната економија.
(А. С.)