Младите нема да стануваат секое утро во 7:00 за да одат на работа за 30 илјади денари кога надвор од државата, дури и со нерегулирани статус и работен однос, може да заработат многу повеќе отколку што им е потребно за живот. Од друга страна, на платите што им ги даваат на младите треба да гледаат како на вложување во иднината. Вработувањето млади носи нови начини на размислување, кои кога ќе бидат инкорпорирани на работните места, ќе носат дополнителен профит за компанијата, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Ѓоко Вукановски, менаџер на Македонската асоцијација за човечки ресурси

Доколку сакаат да ги задржат и да ги вратат младите што заминале на работа во странство, работодавците мора да им понудат простор за слобода и креативност. Младите нема да стануваат секое утро во 7:00 за да одат на работа за 30 илјади денари кога надвор од државата, дури и со нерегулирани статус и работен однос, може да заработат многу повеќе отколку што им е потребно за живот. Од друга страна, на платите што им ги даваат на младите треба да гледаат како на вложување во иднината. Вработувањето млади носи нови начини на размислување, кои кога ќе бидат инкорпорирани на работните места, ќе носат дополнителен профит за компанијата, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Ѓоко Вукановски, менаџер на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

– Генерално, имаме политика во која го стимулираме високото образование. Над 90 отсто од младите се запишуваат на факултет. На тој начин се креираат одредени професии што се поразлични од оние што ги бара пазарот. Политиката на државата во последните 20 години не беше креирана во насока на приспособување на младите во реалниот сектор. Сега е многу тешко да донесеме инстант решение и да ги вратиме младите. Работодавците треба да им понудат простор за слобода и креативност ако сакаат да ги задржат. Миграцијата на работна сила не може да ја спречиме, но ние, во меѓувреме, мора да работиме на системите на нивно враќање во наредните пет години, затоа што тие ќе ни донесат знаења, вештини и технологии, кои ќе ни помогнат да ја унапредиме економијата – изјави Вукановски.

Овие трендови не се карактеристични само кај нас туку и во Европа, ние доцниме во многу работи, како во нивната поддршка така и во однос на креирањето системи за враќање на младите во Македонија.

– Треба да се промени и државната поддршка за самовработување. Така, 5.000 евра беа нешто во 2006 година, кога се донесе Програмата за поддршка на претприемништвото, но во денешно време, овие пари се малку. Поддршката треба да биде соодветна на сегашните потреби. Сега младите се креативни, имаат претприемачки дух и државата треба да го искористи тоа – појаснува Вукановски.

Треба да се следат и промените што ги диктира Европа во однос на работното време. Во некои земји, веќе се тестира скратена или четиридневна работна недела. Во таа насока, тој смета дека е потребна промена на Законот за работни односи, во кој сè уште стои 40-часовна работна недела.

– Сите програми и закони што се однесуваат на поддршка или на вработување на младите треба да се приспособат на новото време. Младите се многу флексибилни, често ги менуваат работните места и не прифаќаат работа за пониска плата. Причината за ваквите барања делумно лежи во нивната способност брзо да стекнуваат нови вештини, особено во дигиталниот свет. Со други зборови, младите денес ги диктираат платите и условите за работа – вели нашиот соговорник.

Младите нема да прифатат работа за 30 илјади денари кога имаат можност да работат надвор од државата дури и со нерегулирани статус и работен однос и да заработат многу повеќе од тоа што им е потребно.

– Реалната економска состојба на компаниите во Македонија не е многу добра, но секогаш постои простор за унапредување на платите. Газдите на компаниите не треба да гледаат на платите како трошок, туку како вложување во иднината, односно како вложување во нови знаења, вештини, технологии, кои ќе носат дополнителен профит за компанијата – вели Вукановски.

Истражувањата покажуваат дека младите имаат значително поголеми очекувања од работодавците во споредба со своите претходници. Додека претходните генерации се задоволуваа со пониски почетни плати во замена за сигурност и можности за раст, денес младите не се плашат директно да бараат повисоки примања уште при првото вработување. Работодавците мора да го сфатат тоа доколку сакаат да ги задржат во земјава и да придонесат за развој на бизнисите и на целокупната економија.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ