Почнувајќи од следната година, сите млади Германци родени во 2008 година, а потоа и сите полнолетни од следните генерации, ќе мора да пополнуваат формулар со лични податоци и да одат на лекарски преглед. Според резултатите од прегледот, властите ќе ги проценат нивните физички и психолошки способности, а потоа полнолетните Германци ќе имаат право да одлучат дали да се пријават во војска или не, зашто новата германска воена служба е, барем засега, доброволна. Сепак, со овој потег, владата ќе создаде официјален воен регистар на сите потенцијални регрути, пишува „Ел Паис“.
– Мора да се подготвиме за ситуација на тензија или одбрана, мора да знаеме каде живеат и каде можат да се лоцираат, како што се правеше претходно, во ерата на задолжителна воена служба, објасни Министерството за одбрана.
Лекарскиот преглед ќе се воведува постепено – прво ќе биде доброволен, а се планира да стане задолжителен од средината на 2027 година. Повеќето од младите Германци за весникот изјавиле дека се против воената служба. Некои дури велат дека ако ги принудат, би се обиделе да се прогласат за неспособни од здравствени причини, а има и такви кои веќе разговарале со семејствата за напуштање на земјата, во случај да бидат регрутирани. Аљоша Плат и Болдвин Брусиг кои сега се малолетни, велат дека би барале да им се дозволи да одбијат да носат оружје, право што им го дава член 4 од Уставот. Несогласувањето со владиниот план во врска со регрутациите оди дотаму што, в петок, германски средношколци ќе одржат училиштен штрајк против евентуалното воведување задолжителна воена служба.
Целта на германската Влада е да го зголеми бројот на активни војници од сегашните 183.000 на најмалку 255.000 до 2035 година и да го удвои бројот на резервисти од 100.000 на 200.000. Германија најави дека ќе изгради најсилна армија во Европа, а за тоа ѝ се потребни млади луѓе. За да ги привлече, им се нуди месечна плата од најмалку 2.600 евра бруто. Но младите го поставуваат прашањето: што ќе правите со парите ако загинете?
Воената служба, исто така, отвори дискусија во семејствата со странско потекло. Според податоците од 2022 година, во Германија живееле околу 341.000 мажи со германски пасош родени во 2008 година, од кои приближно една шестина имале и едно или повеќе други државјанства. Има и такви кои сакаат да аплицираат или веќе чекаат германски пасош. Кај нив се јавува дилемата дали да го земат, или поради заканата за служење војска, да почекаат.
Германија не е единствената европска земја што се подготвува за хипотетичка воена закана. Белгија и Франција објавија слични планови.












