петок, февруари 27, 2026
Дома СКОПСКА Младите до 35 години од Аеродром ослободени од комуналии 

Младите до 35 години од Аеродром ослободени од комуналии 

68

Општина Аеродром ја воведува мерката за целосно ослободување од комуналии за сите млади до 35 години што го градат, го доградуваат или го надградуваат својот прв дом.

– Со оваа мерка, што се однесува на делот од комуналиите во надлежност на Општина Аеродром, младите добиваат значително финансиско олеснување и силна поддршка при својот животен чекор кон обезбедување сопствен дом – истакнаа од Општина Аеродром.

Мерката беше донесена на првата седница на Советот на Општина Аеродром, со што, како велат од локалната самоуправа, јасно се потврдува определбата дека токму младите се основата на развојот на заедницата.

Ова право можат да го остварат лицата што имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето, тие треба да се жители на Општина Аеродром најмалку две години, да го градат, доградуваат или надградуваат првиот дом во своја сопственост и објектот да се гради исклучиво за лични станбени потреби.

Заинтересираните треба да поднесат комплетна техничка документација согласно со Законот за градење, како и изјава дека ќе го користат објектот за сопствено домување најмалку 10 години.

Ослободувањето од комуналии се однесува на:изградба на нова индивидуална куќа, доградба на постоен станбен објект за индивидуално домување, како и надградба на постоен станбен објект за индивидуално домување со која се создава прв дом.

– Аеродром е општина што расте, се развива и создава простор за нови приказни, а ова решение претставува реален поттик за младите да го започнат својот животен пат тука, со сигурност и доверба во подобро утре – потенцираат од Општината.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ