Самците и младите брачни парови кои сакаат да го решат станбеното прашање се ставени во незавидна положба, затоа што цените на становите се превисоки. Токму за оваа категорија граѓани Народната банка подготвува мерки со кои ќе им го олесни купувањето стан доколку станува збор само за прво купување. Гувернерот Трајко Славески по вчерашната посета на Агенцијата за катастар на недвижности изјави дека ова е договорено со банките и добар дел од нивните предлози се составен дел на мерките кои очекува да бидат објавени најдоцна за две недели.

Тој појаснува дека лицата што ќе сакаат да купат стан за живеење и кои првпат ќе аплицираат за кредит ќе имаат поповолни услови од оние кои купуваат стан за други намени.

– Со мерките ќе ги олесниме условите за оние што по првпат купуваат стан за живеење, а значително ќе ги затегнеме критериумите со соработка со банките за купување на стан што нема да служи за живеење. Ова што се случува на пазарот на станови во Република Македонија посебно во неколку градови, најмногу во главниот град, ги става во многу незавидна ситуација младите брачни парови или самци кои сакаат да го решат станбеното прашање затоа што цените се премногу високи од аспект на заработката. Ние не сакаме овој тренд да продолжи и мислам дека како Народна банка имаме инструменти со кои тоа ќе го постигнеме – истакна Славевски.

Во однос на мерките, гувернерот не откри детали освен што на новинарско прашање рече дека повеќе е за поврат на данокот на додадена вредност на лицата кои за првпат купуваат стан. Тој смета дека враќањето на данокот од пет на 18 проценти, не би било во колизија со овие мерки и рече дека ќе има приспособување.

Според него, секаде во светот постои јасна дистинкција меѓу кредитирањето на објекти за живеење и објекти како инвестиција, а и лицата кои земаат кредит за да го решат станбеното прашање се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот.

– Лицата што позајмуваат пари од банките за објекти во кои живеат се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот. Ако живеалиштето сте го ставиле под хипотека едноставно ќе настојувате да се вклопите во рамки на своите доходи за да не се доведете во ситуација да доцните со кредитот и не дај Боже, да мора да го отстапите станот доколку не може да го плаќате кредитот – истакна Славески.

Гувернерот со апел и до банките – изјавите што ги потпишуваат кредитобарателите да не бидат само формалност.

– Имаме податок дека кај околу 73 проценти од становите кои се купени на кредит, во изјавите стои дека се наменети за живеење, но тоа никој не го проверува. Никој не проверува дали е променета адресата на живеење и. т.н. Во многу држави во светот банките ги следат кредитобарателите дали го промениле живеалиштето и доколку се утврди дека е дадена лажна изјава дека ќе живеат во станот што го купувате на кредит, тоа се смета за тешка измама и банката има право веднаш да побара да го вратат кредитот или да го намали рокот на отплата на кредитот на помалку години – изјави Славески.

Директорот на Агенцијата за катастар Иван Живковски најави дека до крајот на септември би требало да биде готов и регистарот на цени за закупнини којшто неколку години не функционира.

– Од страна на претходниот директор регистарот на цени бил запрен во целост. Ние повторно го започнавме, во моментот ги работиме извештаите, но се јавува еден технички проблем којшто никој не можел да го предвиди, а тоа е дека регистарот се базира врз основа на оние податоци што ние ги добиваме од нотарите врз основа на склучени главни договори за купопродажба. Меѓутоа, главните договори за купопродажба основата ја влечат од преддоговорите што биле склучени 2021 – 2022 година и разликата во цените што моментално се нудат на пазарот се многу поразлични од оние со кои ние работиме – рече Живковски и истакна дека во Катастарот се работи на нова платформа за да може да се издвојат договорите од преддоговорите.

ИЗДВОЕНИ