Хрватска, Црна Гора, Словенија веќе ги објавија огласите за вработување во текот на сезоната, а понудените плати достигнуваат и до 2.200 евра месечно. Работодавците се децидни дека и покрај тоа што знаат дека треба да растат платите за да ги задржат младите, мораат да бидат внимателни за да не го загрозат опстанокот на компаниите. – Сите држави во околината имаат повисоки квоти за увоз на работници од нас. И Србија е далеку пред нас, таму, освен работници од регионот, има и многу работници од Блискиот Исток и од Русија. Свесни сме дека увозот на работна сила носи одредени негативности, но таа е неопходна за да се задржи моменталниот обем на производство – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија
Во услови кога земјите од регионот бараат работници и ги зголемуваат квотите за странци, платите мора да растат за да не останеме и без овие млади што сè уште не заминале. Хрватска, Црна Гора, Словенија веќе ги објавија огласите за вработување во текот на сезоната, а понудените плати достигнуваат и до 2.200 евра месечно. Работодавачите се децидни дека и покрај тоа што знаат дека треба да растат платите, мораат да бидат внимателни за да не го загрозат опстанокот на компаниите. Од Сојузот на синдикати на Македонија, пак, велат дека клучот на конкурентноста не лежи само во продуктивноста на работниците туку и во вложувањето во технологијата и во модернизацијата на производствените процеси.
– Сите држави во околината имаат повисоки квоти за увоз на работници од нас. И Србија е далеку пред нас, таму, освен работници од регионот, има и многу работници од Блискиот Исток и од Русија. Свесни сме дека увозот на работна сила носи одредени негативности, но таа е неопходна за да се задржи моменталниот обем на производство. И покрај тоа што е неопходно зголемување на платите за да се задржат работниците, сепак, мора да бидеме внимателни бидејќи тоа ќе им предизвика други финансиски проблеми на компаниите. Ако не може да го издржат финансискиот товар, тие ќе мора да го намалат бројот на работници или да затворат – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Тој смета дека и годинава голем дел од младите ќе отидат на сезонска работа во земјите од регионот, но смета дека ќе се задржи истиот тренд од лани.
– И годинава многу млади ќе отидат на сезонска работа во земјите од регионот, но сметам дека ќе се задржи истиот тренд, односно нивниот број нема да биде поголем од лани. Еве, на пример, ситуацијата во германската економија не е многу блескава, бидејќи има голема конкуренција од Кина. Кина од извозник на евтина работна сила стана извозник на висока технологија благодарение на доброто образование, кое ја направи технолошки лидер – додава Димитров.
Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека продуктивноста, која е еден од условите за зголемување на платите, не зависи само од работниците туку и од вложувањето на компаниите во технологијата.
– Продуктивноста не зависи само од работниците туку и од модернизацијата на технолошките процеси. Клучот на конкурентноста не лежи само во продуктивноста на работниците туку и во вложувањето во технологијата и во организациската поставеност. Компаниите треба да видат каква им е организациската поставеност и дали е стручен тимот што ја води компанијата. За да ги задржиме работниците, освен плати, треба да им понудиме и услови, да се почитуваат работничките права, соодветно вреднување на трудот, денови за одмор, исплата на К-15… Ако не им се обезбедени овие услови, младите лесно може да ги заменат домашните компании со оние во регионот, кои, освен повисоки плати, им нудат и подобри услови, сместување, храна… – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од ССМ.
Според него, приватните компании во државата не се конкурентни затоа што не го следат трендот на технологијата, која многу отиде напред.
– Развиените економии веќе користат вештачка интелигенција, а ние сè уште работиме со чекан и наковална – додава Радовски.
Земјите од регионот, освен за летната, бараат работници и за зимската сезона. Поради тоа, многу млади уште сега се пријавуваат и одат да работат во текот на целата година, при што слободното време го користат за шетање.
(А. С.)












