– Со овој конкурс, Агенцијата за филм продолжува со поддршката на младите и перспективни автори, како и на новите режисерски и продукциски гласови, кои го развиваат својот авторски израз и придонесуваат за динамичен и современ развој на националната кинематографија. Посебен фокус е ставен на проектите што носат свежи теми, нова естетика и современи авторски пристапи. Истовремено, во вториот рок се воспоставува јасен баланс меѓу поддршката на младата генерација и континуитетот на етаблираните филмски работници и режисери со значаен професионален и авторски опус – посочуваат од Агенцијата за филм
Вкупниот износ на доделените средства во вториот круг, по конкурсот за финансирање проекти за производство на долгометражен и на краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2025 година на Агенцијата за филм, изнесува 97,300,000 денари.
Агенцијата ги објави резултатите од вториот рок на последниот ден од минатата година, а согласно со Законот за филмска дејност, Управниот одбор ги донел одлуките за прифатените и за одбиените проекти по конкурсот, на седница одржана неколку дена претходно.
– Со овој конкурс, Агенцијата за филм продолжува со поддршката на младите и перспективни автори, како и на новите режисерски и продукциски гласови, кои го развиваат својот авторски израз и придонесуваат за динамичен и современ развој на националната кинематографија. Посебен фокус е ставен на проектите што носат свежи теми, нова естетика и современи авторски пристапи. Истовремено, во вториот рок се воспоставува јасен баланс меѓу поддршката на младата генерација и континуитетот на етаблираните филмски работници и режисери со значаен професионален и авторски опус – посочуваат од Агенцијата за филм.
Оваа година, преку вториот рок на конкурсот, меѓу другите, поддржани се авторите: Радован Петровиќ, Изер Алиу, Марија Апчевска, Кумјана Новакова, Саша Станишиќ, Лидија Мојсовска, Ана Јакимска и Ивица Димитријевиќ.

Што се однесува до проектите, пак, во делот на долгометражните играни филмови со македонски мнозински удел, подржани се: „Не плачи, душо“ на ДФВП „Партизанс“, во режија на Радован Петровиќ, со 18.500.000 денари; „Оџакот не чади“ на „Моуви М Продакшн“, во режија на Изер Алиу, со 18.000.000 денари; „Враќање дома“ на „Катавеј“, во режија на Саша Станишиќ, со 17.000.000 денари и „Патници“ на „Синемон медиа фактори“, во режија на Николче Поповски, со 15.000.000 денари. Од долгометражните документарни филмови со македонски мнозински удел, пак, се поддржани проектите „Цветни крампони“ на „Алка филм“, во режија на Онур Озџан, а по сценарио на Александра Кардалевска, со 1.800.000 денари, и „Ја убивам за филм“ на „МИ Филм“, во режија на Ивица Димитријевиќ, со 2.000.000 денари.
Кај краткометражните филмови, пак, од играната продукција со македонски мнозински удел се одобрени проектите: „Тивко бело“ во режија на Лидија Мојсовска, со 2.000.000 денари; „Ноќе покрај реката“ на Марија Апчевска-Петровска, со 1.200.000 денари; „Светлината на сонцето“ на Висар Вишка, со 2.000.000 денари; „Влез“ на Тина Величковиќ, со 1.000.000 денари; „Музиканти“ на Андреј Георгиев, со 1.500.000 денари; „Скакулци“ на Ханис Багашов, со 1.300.000 денари; „Прв рез“ на Владимир Митревски, со 1.200.000 денари и „Туѓина“ на Ана Јакимска, со 1.000.000 денари. Кај краткометражните документарни филмови со македонски мнозински удел, пак, се подржани „Белешки кон една непремостива хроника“ во режија на Кумјана Новакова, со 1.500.000 денари, и „Земја“ на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, со 1.000.000 денари.
– На овој начин се овозможува стабилност во развојот на македонскиот филм, но и отворање простор за нови автори како Тина Величковиќ и Ханис Багашов, кои се дел од новата генерација филмски творци. Во рамките на конкурсот се поддржани и четири долгометражни играни филма во меѓународна копродукција, со партнери од Албанија, Србија, Словенија и од Црна Гора, што претставува продолжување на воспоставената меѓународна соработка и размена на креативни и продукциски искуства и зголемување на меѓународната видливост на македонските филмски проекти. Поддржаните проекти се одликуваат со висок уметнички потенцијал и се очекува во наредните години да бидат реализирани и прикажувани на домашните и на релевантните меѓународни фестивали, со што ќе придонесат за афирмација на македонската кинематографија и нејзиното позиционирање во поширокиот европски и регионален културен контекст – додаваат од Агенцијата за филм.
Во 2025, македонска премиера имале 19 филма

Во текот на 2025 година, македонска премиера имаа вкупно 19 филма, поддржани од Агенцијата за филм, и тоа: 4 долгометражни играни филма со македонски мнозински удел, а 6 со малцински удел; 1 долгометражен документарен филм со македонски мнозински удел, а 2 со малцински удел; 2 краткометражни играни филма со македонски мнозински удел, а 1 со малцински удел; 2 краткометражни анимирани филма со македонски мнозински удел и 1 краткометражен документарен филм со македонски мнозински удел. Меѓу долгометражните играни филмови со македонски мнозински удел се издвојуваат „Сите го викаат Реџо“ (реж. Ибраим Деари), „Диџеј Ахмет“ (реж. Ѓорѓи М. Унковски), „Паркот на Дора“ (реж. Сабедин Али) и „Мајка“ (реж. Теона Стругар-Митевска).
Дополнително, во текот на изминатата година, следниве филмски проекти, финансирани на претходни конкурси, беа снимени или го започнаа процесот на снимање. Станува збор за пет долгометражни играни филма со македонски мнозински удел: „Биста“ / „Збогум, Копакабано“, продукција „Банана филм“, режија Милчо Манчевски, со одобрена поддршка од 28.000.000 денари; „Човек против јато“, продукција „Видеостудио Петковски“, режија Тамара Котевска, со одобрени 20.000.000 денари; „Потстанар“, продукција „Сектор филм“, режија Марко Ѓоковиќ, со поддршка од 23.500.000 денари; „Договор“, продукција „Арнел продукција“, режија Сенад Абдули, со одобрени 15.000.000 денари и „Тајната на голиот рид“, продукција „Сити стар продукција“, режија Игор Алексов, со поддршка од 15.000.000 денари.
Како дел од меѓународната промоција на македонскиот филм, пак, Агенцијата активно ја поддржа и оскар-кампањата на „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, со издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на државата на најпрестижната светска филмска сцена. Во 2025 година, Агенцијата одобри средства за поддршка на реализацијата на 18 проекти, кои опфаќаат домашни филмски фестивали и други манифестации од меѓународен карактер, со цел да се поттикнат развојот и видливоста на македонската кинематографија, како и да се овозможи претставување на европската кинематографија пред македонската публика. (Н.И.Т.)












