„Од студио до сцена“ е концертот што под водство на реномираниот холандско-британски виолинист, Даниел Роуланд, на 10 февруари, во 20:00 часот, ќе ја отвори февруарската концертна серија на Институтот „Фејмс“ (Fame’s). Концертот, кој ќе се одржи во Камерната сала на Македонската филхармонија, претставува кулминација на истоимената едукативна програма на Институтот, во која учествуваат 30-мина внимателно селектирани млади музичари од Европа.

Проектот „Од студио до сцена“ е насочен кон едно од клучните прашања во современата оркестарска професија: како се обликува музиката, како се менува и добива значење низ различните фази на студиското снимање и концертната изведба. Во текот на повеќедневната интензивна работа, учесниците, под менторство на Даниел Роуланд, ги снимаат делата во професионалното студио на „Фејмс“, по што се пренесува таа музика на концертната сцена, каде што добива нова енергија и комуникација со публиката.

– Разбирањето како се менува музиката помеѓу студиото и концертната сала е суштинско за денешните оркестарски музичари. Тој процес развива слушање, флексибилност и уметничка зрелост – истакнува Роуланд, кој е и професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.

Програмата на концертот, пак, ги вклучува „The American Four Seasons“ од Филип Глас, современо дело што нуди нов поглед кон идејата за сезоните и времето, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс, интензивна и емотивна композиција посветена на сеќавањето и човечката болка, како и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус, едно од најдлабоките оркестарски размислувања за промената и историската траума.

– Делата што ги избравме бараат длабока концентрација, слушање и емотивна зрелост, што го прави овој процес исклучително значаен за професионалниот развој на младите музичари – истакнува Од Насју Мапа, основачка на Институтот „Фејмс“.

Како што додаваат од „Фејмс“, уметничкиот ментор и солист, Роуланд, внесува исклучителна интерпретативна длабочина и искуство во проектот. Неговиот препознатлив звук и музичката искреност му носат пофалби од водечките светски медиуми, кои го опишуваат како виолинист „кој звучи како никој друг“ (Gramophone) и уметник со „рафинирана финеса и моќна емоционалност“ (The Guardian). Неговата работа се одликува со силна поврзаност меѓу техничката прецизност и уметничката слобода – вредности што се во срцевината на едукативниот пристап на „Фејмс“.

Освен овој, во рамките на февруарската сесија на Институтот „Фејмс“, ќе биде изведен и втор концерт, насловен „Барајќи го грувот“ (17 февруари), а предводен од диригентот на Институтот „Фејмс“, Тим Редмонд, и од џез-тапанарот Даглас Маринер. Во проектот, Редмонд и Маринер заедно истражуваат како може да комуницира класичниот оркестар со џез-јазикот преку ритамот, грувот и импровизациските елементи.

– Кога работат заедно музичари од различни традиции, ритамот станува заеднички јазик. Се работи за слушање, реакција и доверба меѓу музичарите – вели Редмонд.

Маринер додава дека ваквите проекти создаваат простор за вистински дијалог меѓу жанровите, без бришење на нивниот уметнички идентитет.

Маринер е џез-тапанар базиран во Њујорк, кој има настапувано со ансамбли, вклучувајќи ги Vince Giordano & The Nighthawks, Terry Waldo’s Gotham City Band и Detroit Symphony Orchestra.

Преку концертите „Од студио до сцена“ и „Барајќи го грувот“ се истражува односот помеѓу оркестарското снимање и изведбата во живо, како и дијалогот помеѓу класичната музика и џез-традицијата – различни, но подеднакво важни аспекти на современото музичко професионално образование.

Како што е познато, Институтот „Фејмс“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, преку своите програми, работилници и концерти нуди можност за професионално усовршување на младите музичари од целиот свет, во соработка со водечките уметници и диригенти. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ