Во белгиската покраина Антверпен, неколку млади луѓе се хоспитализирани во сериозни, загрижувачки услови во последните недели, за кои се сомнева дека се предизвикани од употреба на опасни нелегални „вејп“ уреди. Новинската агенција Белга ја објави информацијата, повикувајќи се на сигурен извор, додека здравствените служби беа официјално предупредени да ја зголемат својата будност.
Јавното обвинителство во Антверпен засега не го коментира случајот, но фактот дека предупредувањето е проследено до медицинските установи се смета за сериозен сигнал. Според достапните податоци, неколку млади пациенти се примени во болници откако наводно користеле „вејпови“, а здравствената состојба на некои сè уште се смета за „многу загрижувачка“.
На здравствените работници им е советувано да го земат предвид „вејпирањето“ како можна причина кога се соочуваат со млади пациенти кои, без јасно медицинско објаснување, ја изгубиле свеста или доживеале симптоми слични на напади.
Сомневања се супстанции што содржат THC, психоактивната компонента на канабисот, но дополнителен проблем е што крвните тестови честопати не покажуваат позитивен резултат. Во многу случаи, самите пациенти не знаат или не се во можност да објаснат што точно консумирале.
Поради потенцијалниот ризик по здравјето на младите луѓе, здравствените служби во Антверпен остануваат во зголемена готовност, додека се очекува истрагата да даде повеќе информации за потеклото и составот на предметните нелегални уреди за вејпинг во наредните денови.
Првичните анализи на крвта на хоспитализираните укажуваат дека е можно течноста во „вејповите“, да ја содржела и психоактивната компонента на канабисот ТХЦ.
Професорот на Универзитет во Антверпен, Филип Лардон посочува дека при изработката на течноста за е-цигари во домашни услови често се мешаат лекови, марихуана и синтетички дроги.
„Тие се познати и како „спајс“ и во нив концентрациите на канабис се неколку пати поголеми отколку во, да речеме, обичен џоинт“, изјави Лардон за белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.
„Спајс“ е сленг термин за група синтетички дроги, дизајнирани да ги имитираат ефектите на природниот канабис, но за разлика од него се многу посилни, дури можеби и до 50 пати, и предизвикуваат зависност, како и хероинот.
Лардон наведува дека ваквите е-цигари веќе неколку месеци се шират во различни училишта во Антверпен и во други белгиски реони.
„Поради нивните високи концентрации, тие се исклучително опасни. Тие се целосно илегални и нивното користење или продажба е противзаконско“, додава професорот.
Лардон, кој е истражувачи на ракот, вели дека во последниве години се бележи дека користењето на е-цигари започнува на се помала возраст.
„Сум видел дури и деветгодишници како пушат е-цигари во трето одделение – вели Лардон.
Според него, училиштата, родителите, болниците и самите млади луѓе мора да бидат предупредени за ваквите појави и за ризиците од пушењето е-цигари, особено оние со течности произведени во домашни услови.
„Случаите забележани досега се особено сериозни. Ако се продолжи вака, само го чекаме првиот смртен случај – додава Лардон.
Медицинските истражување укажуваат дека користењето на „спајс“ може да предизвика корисниците да изгубат свест, да почувствуваат болки во градите или дури да добијат мозочен удар.
Истражувачите укажуваат дека често е тешко да се утврди дали одредена течност за е-цигари содржи „спајс“, бидејќи ја има истата арома и вкусови како и традиционалните течности.
Белгиската истражувачка мрежа „Пано“ при истражување пред неколку месеци откри дека многу од е-цигарите што ги користат фламанските тинејџери се со течност за која се тврди дека е на база на канабис, а всушност содржела други наркотици која се многу опасни и предизвикуваат зависност.












