Ирини Мурцуку, 24-годишна Гркинка, е уапсена и обвинета за убиство на три бебиња, а вчера, во полицискиот притвор, признала и четврто убиство – на својата сестра, извршено пред 11 години, кога имала само 14 години, случај што е правно застарен.
Според полицијата, Мурцуку признала дека две од убиените бебиња биле нејзини. Едното го убила на 19 јуни 2022 година, а другото на 17 октомври 2023 година. Третата жртва, бебе од нејзина пријателка, било убиено во февруари 2021 година. Четвртото убиено дете било нејзината сестра.
– Секогаш кога се карав со мајка ми, сакав да направам нешто лошо, изјавила осомничената пред инспекторите од Одделението за убиства, пренесува порталот Прото Тема.
Осомничената е обвинета и за обид за убиство во 2020 година, кога, според обвинението, се обидела да ја задуши пријателката на која подоцна ѝ го убила детето. Полицијата укажува дека доколку осомничената останела на слобода, постоел сериозен ризик од повторување на слични злосторства. Истражната постапка продолжува.