среда, јануари 21, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Мизерни плати, работниците во Македонија на дното во регионот – време е...

Мизерни плати, работниците во Македонија на дното во регионот – време е за промени!

ССМ ќе организира протест на 28 јануари во 17:00 часот, барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати по 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците да се приклучат на протестите, бидејќи платите во Македонија се мизерни и трпението на работниците е прикрај. – Ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите, сите работници што се чудат како да го поминат месецот, сите работници што биле лажени од газдите дека ќе им бидат зголемени платите да излезат на улица – рече Трендафилов

286

На 28 јануари во 17:00 часот, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) излегува на протест. Се бара зголемување на минималецот на 600 евра и на сите други плати по 100 евра. Од ССМ ги охрабруваат работниците да излезат на улица во што поголем број и да не се плашат за своите работни места. Само со заедничка борба може да се обезбедат достоинствени плати и заштита на работничките права, велат од Синдикатот. Платите во Македонија се мизерни, а трпението на работниците е прикрај. Сите земји во регионот веќе ги зголемија платите над 500 евра, а ние останавме да чекаме за да го добиеме она што сме го сработиле и што го заслужуваме, посочуваат од ССМ.

– Време е да се избориме за достоинствени плати. Ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите, сите работници што се чудат како да го поминат месецот, сите работници што биле лажени од газдите дека ќе им бидат зголемени платите да излезат на улица. До 31 декември не се договорија да ги зголемат работничките плати и да го унапредат работничкиот стандард, туку со потсмев им укажуваа на работниците да седнат и да се договорат со газдите. Ги повикуваме работниците затоа што прагот на сиромаштијата во Македонија е 31.200 денари, а 33 отсто од 540 илјади работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата или одат на работа, а се сиромашни – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој ги повика работниците масовно да им се приклучат на протестот, бидејќи, како што рече, не треба да се зголемат платите само на неколкумина, туку на сите.

– На секој работник му е потребно зголемување на платата, и тоа не за 25 евра како што четири месеци се фалат функционерите дека ќе ги усогласат работничките плати во март, а наспроти тоа молчат и кријат дека ќе се зголемат нивните плати помеѓу 200 и 300 евра ако имаме предвид дека функционерските плати се движат од 90 до 180 илјади денари. Со ова покажуваат дека не им е грижа за работниците, туку за себе, бидејќи од февруари, на зголемувањето од 78 отсто ќе имаат дополнителни 10 отсто зголемување на платите – вели Трендафилов.

Од ССМ велат дека време е работниците да сфатат дека заедно може да се изборат за работничките права и плати, бидејќи, како што велат, еден работник не може да промени ништо, а заедно може да променат сè.

– Работниците да дојдат на протест и да им покажеме дека не се живее добро во Македонија, затоа што имаме најниска минимална плата, затоа што имаме најниска просечна плата, затоа што 200 илјади работници работат и се сиромашни со плати под 30 илјади денари. Платите во сите земји во регионот се зголемени од јануари и време е да не молиме никого за зголемување на нашите плати што сме ги заработиле и ги заслужуваме – рече претседателот на ССМ.

Ова е само првиот од низата чекори кои ќе ги преземат синдикатите во наредниот период, а кои ќе значат дополнителни протести, дополнителни блокади и генерален штрајк во јавниот сектор.

– Доколку немаат слух, ќе собереме и 10 илјади потписи, ќе станеме овластен предлагач на законите, ќе побараме намалување на функционерските плати за 78 отсто и зголемување на работничките за 600 евра. Ќе им покажеме дека работниците во државата имаат моќ, а моќта е во нивното единство. Со други зборови, ние ја имаме моќта на бројноста, политичарите ја имаат политичката моќ, а газдите ја имаат моќта на капиталот – посочи Трендафилов.

Протестот ќе започне в среда, на 28 јануари, од пред зградата на ССМ, потоа ќе продолжи пред Стопанската комора на Македонија и ќе заврши пред Владата.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ