Искрена и конструктивна ќе биде идна соработка меѓу новиот Дебарско – кичевскиот митрополит Георгиј и викарниот епископ атанијски Партениј. Ова е епилог од вчерашната прва средба на новоизбраниот митрополит и неговиот помошник кој е игумен на Бигорскиот манастир, оддржана вчера во Митрополија во Охрид. За средбата информира Дебарско-кичевската митрополија која на социјални мрежи објави и неколку фотографии. До средбата дојде нешто повеќе од месец дена откако е извршена хиротонија на новиот Дебарско-кичевски митрополит.
За средбата информира и братството на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.
-Денеска, во овој претпразничен ден на светлото Преображение Господово, нашиот старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, ја оствари својата прва официјална средба со новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Неговото високопреосвештенство г. Георгиј. Средбата, којашто сте оствари во просториите на светата Митрополија во Охрид, помина во искрена и конструктивна атмосфера, исполнета со љубов кон Црквата Христова и со заедничка грижа за спасението на доверениот народ Божји. Најнапред, нашиот старец, од името на целата наша монашка заедница, му посака на митрополитот благословена и плодотворна архиерејска служба, душевно и телесно здравје, просветление и мудрост одозгора, за благобитието на епархијата, на монаштвото и свештенството, на верниците и на сите граѓани – се наведува во објавата.
Во неа се додава дека епископот Партениј го запознал новиот митрополит со динамиката на мисијата и животот на монашката заедница, како и со делувањето на светите манастири што се наоѓаат под негово духовно раководство.
-Се молиме и се надеваме дека оваа средба ќе биде почеток на плодотворна соработка, во духот на апостолското единство и евангелската љубов, на духовна полза за народот Христов, и за сите и за сѐ – наведуваат од Бигорскиот манастир.
Средбата меѓу двајца достоинственици со голем интерес во јавноста од причина што на изборот на новиот митрополит Георгиј претходеа собири на верници во Скопје, Охрид и во Кичево на кои се бараше за наследник на починатиот владика Тимотеј да биде избран епископот Партениј. Но, тие собири не влијаеа на одлуката на Синодот на МПЦ-ОА каде владиците решија тронот да му го доверат на поранешниот декан на Богословскиот факултет и долгогодишен шеф на Кабинет на архиепископот г.г. Стефан, митрополит Георгиј. Освен ова, од страна на Преспанско-пелагонискиот владика Петар неколку пати досега беа упатувани тешки обвинувања против епископот Партениј и Бигорскиот манастир дека се работи за „парацрковна структура“.
Наводите во соопштението на свој начин укажуваат дека ваквите настани од минатото сепак не оставиле поголеми последици и дека новиот владика и неговиот помошник искрено ќе соработуваат во иднина. Во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР митрополитот Георгиј најавувајќи ја средбата рече дека верува дека таа ќе биде во духот на христијанска љубов и разбирање.
– Бигорскиот манастир е еден од бројните манастири во епархијата, на кого подеднакво ќе му се посвети соодветно внимание. Тој е наше големо светилиште, во кое монахуваат многу монаси, и броен верен народ го посетува и во него наоѓа духовно уточиште. Со викарниот епископ, неговото преосвештенство, епископот антаниски Партениј ќе се сретнеме наскоро и верувам дека, во духот на христијанската љубов и разбирање, Бог ќе помогне и ќе го покаже патот како понатаму да му служиме верно Нему и на Црквата – изјави тогаш владиката Георгиј. (Б.Ѓ.)