Мистериозни бројки на најстарите желки од Голем Град кријат тајна стара повеќе од половина век

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) укажуваат на тоа дека при своите редовни теренски истражувања на најстарите желки на островот Голем Град во Преспанското Езеро, забележале дека тие имаат врежани бројчени ознаки на долниот дел од оклопот, познат како пластрон. Велат дека овие ознаки укажуваат на некаков начин на броење или идентификација, но оти не одговараат на ниту еден современ метод што го применуваат биолозите, кои со децении вршат популациски истражувања во регионот. – Врежаните бројки не изгледаат како скорешни и, веројатн,о датираат одамна (барем 30, но, можеби, и повеќе од 50 до 70 години). Останува мистеријата дали се работи за некаква порана научна дејност или, пак, за неформално следење на големградската популација на желки од биолози аматери или од други лица – укажуваат од МЕД

431

Најстарите желки на островот Голем Град во Преспанското Езеро имаат врежани бројчени ознаки на долниот дел од оклопот, познат како пластрон, забележале од Македонското еколошко друштво (МЕД), при своите редовни теренски истражувања.

Велат дека овие ознаки укажуваат на некаков начин на броење или идентификација, но оти не одговараат на ниту еден современ метод што го применуваат биолозите, кои со децении вршат популациски истражувања во регионот.

– Досегашните обиди да се открие потеклото на овие ознаки преку разговор со локалните жители и преку консултации со колегите не дадоа конкретни одговори. Врежаните бројки не изгледаат како скорешни и, веројатно, датираат одамна (барем 30, но, можеби, и повеќе од 50 до 70 години). Останува мистеријата дали се работи за некаква порана научна дејност или, пак, за неформално следење на големградската популација на желки од биолози аматери или од други лица.

Во секој случај, тие сведочат за долготрајната (па дури и историска) фасцинација на луѓето од дивиот свет на островот, нагласуваат од МЕД.

Оттаму додаваат дека на Голем Град е една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот, која, за жал, денес се соочува со големи предизвици за опстанок, пред сѐ поради нерамномерниот полов сооднос меѓу единките, надополнето со растечките негативни влијанија на климатските промени.

– Само преку здружени научни истражувања, базирани врз јасно утврдена методологија, би можеле да се утврдат евентуални мерки за спас на шумските желки и на другите живи видови на овој навистина посебен остров во срцето на Преспа – сметаат од МЕД.

Островот Голем Град во Преспанското Езеро претставува уникатен природен амбиент за територијата на нашата држава, каде што мноштво живи видови и нивните живеалишта се проткаени со траги од некогашното човечко присуство во милениумите што одминале. Меѓу највпечатливите активни жители на островот, несомнено, се вбројуваат и шумските желки, кои, поради изолираноста, имаат развиено уникатни адаптации во своето однесување и начин на живот, што, пак, од своја страна го привлекува вниманието на светската научна јавност.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ