Пред две години, Стоктон Раш загина додека ја управуваше својата експериментална подморница Титан кон местото на остатоците од Титаник, а со него загинаа уште четири лица. Сега познат милијардер се подготвува за истиот потфат од 10 милиони долари, но деталите се чуваат во тајност.
„Слушнав дека некој ќе оди до „Титаник“ за неколку недели. Не можам премногу да откријам, но можам да кажам дека станува збор за милијардер. Спуштањето ќе го чини десет милиони долари. Сигурно би го препознале неговото име. Тој самиот сака да објави дека е првата личност која се спуштила до „Титаник“ по трагедијата“, изјавил добро информиран извор за веб-страницата „The Post“, додавајќи дека не сака да го расипе изненадувањето.
„Освен што остатоците имаат историско значење, фактот дека се наоѓаат на таква длабочина ги прави особено фасцинантни за посета“, вели Патрик Лејхи, извршен директор на компанијата „Triton Submarines“, која моментално развива нова комерцијално достапна подморница способна за вакво патување.
Пред повеќе од една година Би-би-си објави дека американски милијардер кој го стекнал своето богатство преку луксузни недвижности, заедно со истражувач на морските длабочини, планира патување со подморница до остатоците од „Титаник“.
Претприемачот и авантурист од Охајо, Лари Конор, и Патрик Лејхи, коосновач на „Трајтон сабмаринс“, најавија дека сакаат да се спуштат на длабочина од околу 3.800 метри во северниот Атлантик за да ги истражат легендарните остатоци од потонатиот брод.
Двајцата планираат да ја користат подморницата „Triton 4000/2 Abyssal Explorer“. Бројот 4.000 означува длабочина во метри до која пловилото може безбедно да се спушти. Тие порачаа дека ќе се спуштат до „Титаник“ дури кога подморницата ќе добие целосна сертификација од релевантната поморска организација, а временската рамка на експедицијата сè уште не е одредена.