Црната кутија на либискиот воен авион, во кој загинаа началникот на Генералштабот на либиската армија, Мохамед ал-Хадад, и членовите на неговата делегација, ќе биде анализирана во неутрална земја за да се утврди причината за падот, објавија денес турските власти.
Турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу изјави на платформата X дека „анализата на снимачите на гласовни податоци и податоци за летот, за да се утврди причината за падот на авионот, ќе биде извршена во неутрална земја“, по првичниот технички преглед, објави Ал Џезира.
Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, потврди претходно денес дека се пронајдени црната кутија и уредот за снимање разговори од пилотската кабина на либискиот авион, кој се урна синоќа во близина на Анкара.
Тој рече дека истражните екипи веднаш започнале со работа на местото на несреќата во Анкара, каде што биле пронајдени остатоците од авионот, и се очекува дека податоците од црната кутија ќе помогнат да се расветлат околностите на трагедијата. Јерликаја синоќа објави дека се пронајдени остатоците од авионот во кој се наоѓала либиската воена делегација, во која биле началникот на Генералштабот на либиската армија, Мохамед ал-Хадад, уште четири члена на делегацијата, како и тројца членови на екипажот, кои сите загинале.
Според него, припадниците на жандармеријата ги лоцирале остатоците од авионот на околу два километри од селото Кесик Кавак во округот Хајмана, во близина на Анкара.
Авионот полетал од аеродромот Есенбога во Анкара во вторник вечерта и бил на пат кон либиската престолнина, Триполи.
Началникот на либискиот Генералштаб во вторник престојуваше во официјална посета на Анкара, на покана на неговиот турски колега, а во текот на денот се сретна со турскиот министер за одбрана и началникот на Генералштабот, како дел од честите билатерални средби меѓу функционери од двете земји.












