EPA/JASON SZENES

Поранешниот женски светски тениски рекет број еден и сопственичка на 23. гренд слем титули, Серена Вилијамс, откри интересна приказна за обвинувањата што ги слушнала за себе во текот на својата кариера. Некои од нејзините ривалки инсинуирале дека таа е вклучена во злобни активности.

– Најлудата работа што сум ја слушнала некогаш беше дека практикувам вештерство и црна магија, бидејќи премногу често победував една тенисерка. Таа навистина веруваше дека користам црна магија за да ја победам – изјави Серена во поткастот „Стоктон стрит“.

Серена Вилијамс (44) се пензионираше од професионалниот тенис во септември 2022 година, а последен турнир во нејзината кариера беше Отвореното првенство на САД. Во текот на својата богата кариера, таа најмногу ја имаше победено Марија Шарапова (20 триумфи на 22 натпревара), по што следуваат нејзината сестра Венус (19/31), Викторија Азаренка (18), Каролина Возњацки (10), Саманта Стосур (9), Јелена Јанковиќ (8)…

Многу тенисерки не успеаја да ја победат ниту еднаш. Најтешкото сигурно ѝ беше на Полјачката Агњешка Радванска, која играше против неа десет пати, вклучувајќи три гренд слем турнири и никогаш не победи. Нејзината сестра, Урсула Радванска, ги загуби сите пет натпревари против Серена.

Што се однесува до актуелните тенисерки, годинашната победничка на Австралија опен, Медисон Кис, не успеа да победи на ниту еден од своите три натпревари против Серена.

Сестрите Вилијамс, Серена и една година постарата Венус, делат неверојатни 30 гренд слем титули во поединечна конкуренција, а заедно имаат освоено 14 титули во двојки и две во мешани двојки. И покрај тоа што е една година постара, Венус сè уште игра.

 

ИЗДВОЕНИ