Мишел Обама: САД не се подготвени за претсетадателка – уште многу треба да созреваме

34
Фото:википедија

Поранешната прва дама на Соединетите Американски Држави, Мишел Обама, во интервју објавено на нејзината страница на „Јутуб“ изјави дека земјата сè уште не е подготвена за жена претседател, додавајќи дека на САД сè уште им е потребна многу зрелост, пренесе „Танјуг“.

„Како што видовме на последните избори, за жал, не сме подготвени. Затоа велам, не ни помислувајте да ме замолите да се кандидирам, бидејќи не ја кажувате вистината. Не сте подготвени за жена. Не сте“, нагласи таа.

Изјавата на Обама дојде за време на разговор одржан на 5 ноември во Бруклинската академија за музика, како дел од нејзиниот подкаст.

Таа го водеше разговорот со актерката Трејси Елис Рос, а се осврнаа и на новата книга на Обама „Погледот“.

Рос ја праша Обама дали верува дека улогата на првата дама, како „архетип на сопругата и жената“, влијаела на тоа колку простор општеството оставило за една жена да стане претседател.

„Знаете, сè уште имаме многу да растеме и за жал, сè уште има многу мажи кои не мислат дека можат да се справат со тоа што се водени од жена и тоа го видовме“, рече Обама.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја победи поранешната потпретседателка Камала Харис на претседателските избори во 2024 година.

Обама ја поддржа Харис за време на кампањата во 2024 година, собирајќи големи толпи, залагајќи се за здравствена заштита на жените и повикувајќи ги мажите да гласаат за Харис.

Поранешната прва дама постојано се соочуваше со шпекулации и повици да се кандидира за претседател, но постојано повторуваше дека не сака да се кандидира за Белата куќа.

ИЗДВОЕНИ