Познатиот македонски кларинетист Мише Боев со нова авторска композиција – „Рапсодија 67“!
Еден од најистакнатите македонски кларинетисти, ако не и најпознат, но воедно и саксофонист, Мише Боев, по повеќе од 25 години активно присуство на музичката сцена пред публиката и фановите се претставува со својата најнова авторска композиција, „Рапсодија 67“. Боев е инаку, музичар од Кавадарци со скопската адреса на живеење. Фамилијарен човек, за чиста десетка! Меѓутоа, не ги заборава корените од Тиквешијата, кои и понатаму му се главна инспирација во неговото творештво.Својата музичка кариера си ја гради истовремено и во родната Македонија и на регионалната поранешната ЈУ-сцена. Препознатлив е по својот звук и автентичен израз. Дипломирал на Џез-академијата во класата на професор Гоце Змичанов. Зад себе има бројни фестивалски настапи и соработки со врвни музичари, меѓу кои и со легендарниот маестро на хармониката, Милан Завков.
Новата композиција Мише ја сними во „Кларион студио“, со учество на врвни уметници: Баже Маротов, Суат Ќуле и Ристе Пуќовски, а аранжманот е на професор Илија Јаневски. Видеозаписот за песната е реализиран од страна на ФАН-продукција од Прилеп. Снимено е на автентичната локација Марков Манастир кај Скопје. Всушност, со „Рапсодија 67“, Боев продолжува да ја негува македонската музика. Да создава дела кои ќе останат како трајна вредност за идните генерации. Композицијата наскоро ќе биде достапна и на „Јутјуб“, како и на сите останати социјални мрежи. (Д. М.)