Четвртата конференција за мировно образование, организирана од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, ги обедини практичарите, професионалците и активистите во заедничка мисија – градење култура на мир, ненасилство и позитивни општествени промени. На прес-конференцијата по повод Меѓународниот ден на детето беше нагласено дека мировното образование има суштинска улога не само како тема туку и како принцип за дејствување во периоди на општествена криза. Овој пристап се темели на вредности, хуманост и индивидуален третман на секое дете

 

Четвртата конференција за мировно образование, организирана од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, ги обедини практичарите, професионалците и активистите во заедничка мисија – градење култура на мир, ненасилство и позитивни општествени промени.

На прес-конференцијата по повод Меѓународниот ден на детето беше нагласено дека мировното образование има суштинска улога не само како тема туку и како принцип за дејствување во периоди на општествена криза. Овој пристап се темели на вредности, хуманост и индивидуален третман на секое дете.

Говорниците се осврнаа на повеќе клучни аспекти: петнаесетгодишниот развој на програмата за мировно образование, регионалните перспективи и значењето на оваа програма, поддршката од Министерството за образование и личните искуства и промените што програмата ги носи во локалните заедници.

Драги Змијанац, претседател и коосновач на „Меѓаши“, истакна дека програмата за мировно образование е уникатна по својот опфат и влијание.

– Оваа програма е од суштинско значење за нашето општество, особено во услови на ранливост и поделби – верски, социјални, образовни, јазични и економски. Таа не е само проект, туку вредносно поставена иницијатива која создава општествени промени – рече Змијанац.

Преку програмата, досега се опфатени 76 училишта, преку 300 наставници и повеќе од 8.000 ученици.

Координаторката на програмата, Фатмире Ајдари, потсети дека се реализирани преку 100 обуки, преку кои наставниците и учениците стекнале знаења за ненасилна комуникација, решавање конфликти, градење доверба и развивање мирољубиви компетенции.

-Создадовме заедница што се поддржува, учи и расте заедно. Формирањето мрежа на мировни училишта е клучен чекор за системско вградување на мировните вредности во образованието- додаде таа.

Амјад Митри, регионалниот координатор за Западен Балкан, нагласи дека поддршката за „Меѓаши“ трае веќе 15 години и ќе продолжи.

-Работиме со ученици, а тоа значи дека работиме со иднината на државата – истакна тој.

Државниот советник од Министерството за образование, Сафет Незири, додаде дека МОН по првпат системски го третира насилството како сериозен проблем.

– Потпишани се три меморандуми за соработка, а преку Координативното тело активно се работи на воведување модули за мировно образование во училиштата – рече Незири.

Валентина Штерјовска, професорка во СОУ „Гостивар“ посочи дека мирот не е тишина, туку храбра секојдневна акција и нагласи дека младите, преку програмата, развиваат вредности кои ги пренесуваат во заедницата.

Од 2011 година до денес, преку проектите за мировно образование на „Меѓаши“ поминале илјадници ученици. Мрежата на мировни училишта, која се создава веќе повеќе од една деценија, ќе биде официјализирана на третиот ден од конференцијата.

Со одржувањето на оваа конференција, Македонија се позиционира како земја што активно вложува во генерација која ја согледува важноста на соработката, почитта кон различностите и конструктивното решавање конфликти. Мировното образование ја менува не само училишната клима туку и поширокиот општествен контекст – создавајќи генерации што градат мостови наместо ѕидови.

Во рамки на програмата беше одржана и сесија со ученици, посветена на влијанието на врсничкото насилство врз менталното здравје. Учениците споделија лични искуства, предлози и идеи за спречување на булингот и за создавање побезбедна училишна средина.

 

ИЗДВОЕНИ