Мировниот план на Трамп пријатен за Путин, капитулација за Украина

115

Според новинските извештаи, мировниот план од 28 точки конкретно бара итен прекин на огнот и договор за безбедност под надзор на САД, украинската армија да се намали на 400.000 војници и Украина да го предаде целото свое оружје со долг дострел во замена за економска помош и безбедносни гаранции од САД. Извор на „Киев индипендент“ запознаен со предлогот на САД посочува дека Кремљ ги вратил своите максималистички услови, чувствувајќи ја влошената позиција на Украина на фронтот и искористувајќи ги последиците од големиот корупциски скандал во кој се вклучени луѓе блиски до претседателот Володимир Зеленски

 

Планот на американската администрација од 28 точки за крај на војната во Украина предвидува Киев да се откаже од областите на Донбас во источна Украина што сè уште ги контролира, значително да ја намали армијата и да се откаже од голем дел од своето оружје, објавија вчера „Аксиос“, „Фајненшл тајмс“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на извори запознаени со него.

Ниту Вашингтон ниту Москва официјално не ја потврдија таа содржина на мировниот план изготвен од претставникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, и од вишиот економски преговарач на Русија, Кирил Дмитриев. Но, извор на „Аксиос“ во администрацијата на Трамп потврди дека САД веќе ги информираат претставниците од Украина и Европа за планот. Вчера, висок украински функционер потврди за новинската агенција АФП дека планот предвидува отстапување на територии контролирани од Русија, вклучувајќи го и Крим, и значително намалување на големината на украинската армија. Според новинските  извештаи, мировниот план од 28 точки конкретно бара итен прекин на огнот и договор за безбедност под надзор на САД, украинската армија да се намали на 400.000 војници и Украина да го предаде целото свое оружје со долг дострел во замена за економска помош и безбедносни гаранции од САД.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, рече дека неговата земја е „подготвена за мир, но не и за предавање“, нагласувајќи дека секој договор што подразбира губење на суверенитетот е неприфатлив. Но тој, сепак, останува на  ставот дека Трамп има клучна улога во напорите за завршување на војната.

– Од почетокот на оваа година, ние во Украина ги поддржуваме сите решителни чекори и лидерството на претседателот Трамп, секој силен и праведен предлог за завршување на оваа војна – рече Зеленски во Истанбул, каде што, во средата, имаше средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Според АФП, се чини дека планот ги содржи максималистичките барања на Русија. Во претходните преговори, Кремљ повлече дел од барањата, ограничувајќи се на територијални отстапки, а сега тие појавуваат во планот на американската администрација. Извор на „Киев индипендент“ запознаен со предлогот на САД посочува дека Кремљ ги вратил своите максималистички услови, чувствувајќи ја влошената позиција на Украина на фронтот и искористувајќи ги последиците од големиот корупциски скандал во кој се вклучени луѓе блиски до претседателот Володимир Зеленски. Извор на „Фајненшл тајмс“ го нарече овој план „силно во корист на Русија“, а друг извор го нарече „многу прифатлив за Путин“.

За новиот план на Трамп, освен Украина, не е консултирана ни Европската Унија. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, вчера предупреди дека за да функционира каков било план, ќе треба да ги има Украинците и Европејците на чело, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, рече дека „Украинците не сакаат никаква форма на капитулација“.

Од вчера во посета на Киев е висока делегација на Пентагон, со намера да разговара со Зеленски. Потоа делегацијата ќе замине на разговори во Москва. Дали паралелно со политичките преговори се случува и обид да се постигне мир со посредство на американската војска?

ИЗДВОЕНИ